BMW M3 CS – повеќе сила, помала тежина
(фото-галерија)

Тркач во семејно пакување

Рецептот е познат од претходната генерација – повеќе сила, помала тежина

Пред залезот на претходната генерација, BMW подготви специјална серија на M3 со ознака CS. Рецептот кој имаа среќа да го пробаат само 1.200 сладокусци беше едноставен – со повеќе сила и помала тежина се доби тркач во семејно пакување. Сега зачинет со малку повеќе лутина, трилитарскиот твин-турбо е навиен на 550 коњи, исто колку што имаше M4 CSL кој заврши кај само илјада љубители на марката од Минхен. Колку ќе бидат во можност да дојдат до својот примерок на M3 CS од BMW не кажуваат, но за него тие ќе треба да избројат по 146 илјади евра, што е скоро дваесет илјади помалку од ланскиот M4 CSL. Звучи како провокација, а можеби и е, бидејќи M3 CS во многу нешта е токму M4 CSL но со четири врати и погон на сите тркала. Нив автоматскиот менувач ќе ги сврти до 100 километри на час за 3,4 секунди и до максимални 302 km/h, а кој ќе посака ќе може да го ограничи трансферот на силата само на задните тркала.

Колку ова ќе го крева адреналинот не треба да коментираме. Место тоа ќе кажеме дека M3 CS загуби 35 килограми благодарејќи на диетата со пластика засилена со јагленородни влакна која своите места ги најде на хаубата, предниот сплитер, всисникот за воздух, облогите на ретровизорите, задниот дифузор, задниот спојлер, покривот, делови од ентериерот… За да биде сеопфатна таа вклучи и титаниумски компоненти и исфрлање на некои „непотребни“ работи, но за разлика од M4 CSL задните седишта се оставени. Поинаку би немало смисла, нели? Стајлингот е тој што е, внатрешноста исто така, а испораките ќе започнат во март. Први и најважни на списокот ќе бидат САД, Германија, Велика Британија и Јапонија, а кој знае, можеби некој ќе пристигне и кај нас…

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER