BMW – i4

насловна Новитети

Брзај, брзај прваче

Сино-белиот пропелер ротира на струја

објавено 22. март 2021

На својата годишна конференција, BMW три месеци пред предвидениот термин го претстави новиот i4. Овој целосно електричен модел е планиран за лансирање есенва и ќе настапува на пазарот како единствена лимузина во идната електрична гама на Баварците.

Но само за сега бидејќи тие планираат до 2023 година да имаат дури 12 целосно електрични модели. Овој сам по себе радикален пресврт во производственото портфолио на марката е проследен со сериозни инвестиции. Дел од нив се наменети за трансформација на главната фабрика во Минхен каде i4 ќе се произведува заедно со моделите со мотори со внатрешно согорување. Тоа е можно бидејќи исто како и кросоверскиот iX и тој е поставен на истата платформа со погон на задните тркала како и конвенционалните модели на марката.

Од овој модел се очекува да понесе добар дел од товарот на електрификацијата на своите плеќи. Димензиски се наоѓа меѓу сериите 3 и 5, а дизајнот во добар дел е преземен од серијата 4. Тоа значи големи бубрези, закосени светла и спуштен преден дел. Купеовската форма и назад прави да изгледаат слично, со таа разлика што покривот не е така низок и има доволно простор за патниците. Динамиката на изгледот е поткрепена со моќните погонски системи кои ќе располагаат и со 530 коњски сили.

Со нив до сто на час треба да забрза за околу четири секунди, а за максималната брзина се претпоставува дека ќе биде ограничена на двесте километри на час. Се споменува и перформансна верзија која би можела да ги има буквата M во ознаката и погон на сите тркала. Значајно е и дека i4 ќе може да помине до 590 километри со едно полнење на батериите. Други детали засега сé уште не се објавени, но од порано се знае дека на брз полнач ќе бидат потребни околу 35 минути за 80 отсто од нивниот капацитет.