Без дизел, но со две хибридни верзии
Toyota со новата генерација на Auris започнува со пресврт во моторната понуда
Објавено на 9 март 2018 година
Во Женева беше модерно да се споменува дека во понудата повеќе ќе нема дизели, на чие место ќе дојдат хибриди. Но Toyota со Auris започна тоа и да го спроведува – новата генерација на хечбекот нема дизел мотор, но има две хибридни верзии. Така купувачите ќе можат да бираат меѓу 1,8 литарскиот со 122 коњски сили и посилниот дволитарски кој нуди 180 коњи. Основниот мотор и понатаму е турбо бензинецот со зафатнина од 1,2 литри и 116 коњски сили. Засега нема да се нуди plug-in верзија, бидејќи во Toyota сметаат дека тоа е непотребно кај ваков модел.
Што се однесува до дизајнот тој е сосема нов. Невообичаено е привлечен и спортски, со повеќе истакнати стилски детали отколку досега. Платформата и истата од C-HR и Prius, заради што каросеријата е подолга за 40 а пониска за 25 милиметри. Поголемото меѓуоскино растојание нуди повеќе место во внатрешноста и багажникот. Во новиот Auris ќе се среќаваат бројни системи за помош на возачот, од кои поголемиот дел сериски во сите негови изведби. Ќе се произведува во Велика Британија, а продажбата ќе му започне во втората половина од годинава.