Враќање во иднината
Легендарното италијанско дизајнерско студио Bertone по своето повторно раѓање објави дека планира да произведе 33 примероци од хипер автомобилот GB110 кој ќе располага со 1.100 КС и исто толку њутн метри.
Па што, би кажале, вакви потфати има колку ти душа сака! Сепак ова е нешто сосема поинакво. Bertone беше неизбежен дел од автомобилскиот дизајн и има обликувано многу супер автомобили за други компании.
Сега дојде ред да поработи на својот случај и по повод 110 годишнината од постоењето да лансира сопствен производ. GB110 ќе има „пеперутка“ врати, погон на сите тркала, седум степен менувач и мотор што ќе работи исклучиво на синтетичко гориво!
Како што се најавува, спринтот до стотка го совладува за 2,79 секунди, само 6,79 секунди му се доволни да постигне 200 км/ч и достига 300 км/ч за 14 секунди, што е за нијанса поспоро од Bugatti Chiron. Bertone најавува дека максималната брзина надминува 380 км/ч.
Дизајнерското студио, кое е воскреснато од страна на двајца браќа по затворањето во 2014 година, не дава никакви поединости за моторот и бројот на цилиндри, одбива да открие кој е донатор на платформата и колкава би била цената. Познато е само дека меѓуоскиното растојание изнесува 2.630 милиметри што е за влакно покусо од она на Lamborghini Huracan. Можеби поради тоа се комуницира како „италијански автомобил во душа“.



