Bentley – Flying Spur Hybrid

насловна Новитети

Германска жичка

За само шест месеци Bentley го лансира својот втор плагин хибрид

објавено 08. јули 2021

Кога се претстави стратегијата за следните сто години на Bentley на многумина им изгледаше преамбициозна. Веројатно ја заборавија „роднинската лоза“ со германската групација Volkswagen и нејзината моќ на трансформација од термо на електрични мотори. Првата фаза е заокружена со хибридниот Flying Spur кој се придружува на адекватната верзија на кросоверот Bentayga.

За примарниот погон ангажиран е бензинскиот 2,9 литарски V6 мотор со две турбини и 416 коњи. Додека е во електричен мод на возење ќе помине преку 40 километри благодарение на моторот силен 136 коњи напоен од батерија од 14,1 киловат часови. Заедничката работа резултира со одлични перформанси и движење со нулта емисија во средини каде е тоа најпотребно.

Како атрибут на ова тврдење е податокот дека со полна батерија и резервоар „летечката мамуза“ може да збрише 700 километри при тоа да ги задржи динамичките својства типични за Bentley. Спринтот до стотка го совладува за 4,3 секунди и достига 250 км/ч каде се потчинува на електронското ограничување. Овие вредности се блиски до Flying Spur со V8 мотор па направениот компромис е разбирлив.

 

Впрочем треба да се потсетиме на една практична компарација направена во времето кога двете најлуксузни марки, Rolls Royce и Bentley, беа иста компанија. На прашањето која е разликата помеѓу овие две марки кога производите им се идентични следеше типично британски одговор. За Rolls Royce ви треба шофер, Bentley можете сами да го возите! Токму поради тоа задржан е темпераментот очекуван од оваа куќа.

Во дух на тоа продолжена е традицијата во која се вметнати најквалитетните материјали кои го прават престојот во кабината неповторлив. Нема точна информација колку чини и колку парчиња ќе се произведуваат, но се знае дека порачките може да се комплетираат летово, а испораката на првите примероци треба да биде пред Божик.