Најдобар во светот!
Така Bentley го опишува новиот Flying Spur
Објавено на 15 јуни 2019 година
После серија интензивни најавувања, Bentley конечно го покажа луксузниот Flying Spur. Деклариран како спортски Grand Touring седан, тој има многу што заедничко со новиот Continental GT. Пред сé стилскиот пристап и новата платформа која братски ја делат ка со Porsche Panamera. Но таа за Flying Spur е растегната на 5,3 метри должина. Меѓуоскиното растојание е продолжено на 3,2 метри, со што на сите во Flying Spur им е понуден поголем комфор. И луксуз секако кој го обезбедуваат мноштвото кожа, дрво и врвна електроника. Меѓу неа се и Night Vision системот и камерата со птичја перспектива, иако патниците повеќе ќе ги заинтересира изборот меѓу три премиум аудио системи. Возачот пак ќе биде задоволен со дигиталниот панел со инструменти, Head-up дисплејот и ЛЕД матрикс светлата. Сите заедно ќе уживаат во атмосферата креирана од панорамскиот стаклен покрив. За безбедноста и возните својства се задолжени Dynamic Ride воздушното ослонување и управувањето кое делува на сите четири тркала од 21 или 22 инчи. Нив ги задвижува познатиот шестлитарски 12-цилиндричен агрегат со 635 коњски сили. Автоматиката има осум степени, со чија помош Bentley Flying Spur ќе го истрча спринтот до 100 километри на час за 3,8 секунди. Максималната брзина што ја достигнува е 333 километри на час, а за сопирање се грижат дисковите од 420 милиметри.
Првите примероци од новата генерација на Flying Spur ќе бидат испорачани на почетокот од идната година, по цена од 165.000 фунти. Нивните купувачи ќе можат да бираат од палетата од 17 бои и мал милион можности за персонализација. Во блиска иднина се очекува оваа луксузна лимузина да биде понудена со V8 агрегат и во спортска Speed изведба, но и како плаг-ин хибрид кој сé уште не е потврден.