Непоколебливо господски
Новиот Bentley Continental GT Convertible се соблекува топлес за 19 секунди
Објавено на 27 ноември 2018 година
Прво беше купето, па тркачката GT3 верзија а сега и кабриолетот – Bentley ја претстави новата генерација на Continental GT Convertible. Луксузниот крстосувач ќе го обожаваат сите со многу пари кои живеат во сончевите краишта. Еден таков град е и Лос Анџелес, каде тој ја има својата светска премиера. Continental GT Convertible останува без мекиот покрив за само 19 секунди. Тоа може да се стори и во возење, со брзина до 50 km/h. Во понуда ќе биде со дури седум различни бои на платното со специјална звучна изолација. Од Bentley тврдат дека бучавата при возењето со него е намалена на ниво на претходната генерација на Continental GT во купе изведба.
За погон на овој господски модел ќе се грижи монструозниот 6-литарски W12 мотор со 635 KS, во пар со осумстепен менувач со двојна спојка и погон на сите тркала. Иако е потежок од купето за цели 160 kg, забрзувањето од 3,8 секунди и максималната брзина од 333 km/h ќе импресионираат секого. Подоцна треба да добие и V8 мотор. Внатрешноста е добро позната, со најфини материјали и богата опрема, меѓу другото и со озвучување од 2.200 вати.