Владее со бројките иако ги нема во ознаката
Откако лани во пресрет на неговата 20-годишнина го обнови, Audi ја комплетираше понудата на својот единствениот модел без бројка
Објавено на 8 февруари 2019 година
Најновите верзии на Audi TT воедно се и најжелно очекувани. И двете ја содржат буквата S во ознаката, која на послабата изведба ѝ обезбедува моќна комбинација од дволитарски турбо мотор со 306 коњски сили, 7-степена автоматика и quattro погон на сите тркала. Сепак вистинското пакување на култниот двосед од Инголштат е она со ознаката RS, во целост оправдана со неговите 400 коњи извлечени од 2,5 литарскиот петцилиндричен агрегат. Тие ќе го лансираат до сто на час за 3,7 секунди, а опционалниот спортски пакет ќе му дозволи максималната брзина да се искачи на 280 километри на час. Системот за контрола на динамиката обезбедува четири режими на возење, а фиксниот спојлер поголема сила на прилепување.
Изгледот е освежен со моќни детали кои прават овој спортски двосед да се доживува современо и доминантно. Матрикс ЛЕД светлата и црната саќеста маска агресивно се дополнети со браникот со големи отвори за воздух. Сопирачките клешти во црна или црвена боја визуелно ја разбиваат масивноста на проширените крила, под кои се кријат тркала од 19 или 20 инчи. Посебен впечаток остава внатрешноста, чиј изглед верно го надополнува нескротливиот карактер на овој модел. Спортските седишта, алуминиумските педали и кожениот управувач одлично се вклопуваат со виртуелниот кокпит кој ќе ги одушеви сите што ќе седнат во овој спортист.
Како и неговите претходници, и обновената верзија на ТТ ќе се нуди во купе и родстер верзија. На поклониците на овој модел кои сметаат дека е неправедно запоставен, веќе некое време им се сервира дека оваа трета генерација ќе биде последна. Тоа сé уште не е демантирано, но сепак новото светло кое Audi го фрли на него им дава надеж дека сега не е момент за такви муабети.