Audi Q4 e-Tron

насловна Новитети

Audi продолжува со електричната офанзива, сега со поприфатливиот Q4 e-Tron.

објавено 22. април 2021

Значајно за него е што како користи трета различна архитектура, со што марката останува предводник на новите технологии во групата. Поставен е на семејната MEB платформа и има скоро идентични димензии како Volkswagen ID.4, од кој ќе се разликува малку во погонските групи. Основната верзија има електромотор со 170 коњски сили и батерии од 52 киловат-часа со автономија од 340 километри. Следи малку посилната верзија со 204 коњски сили и батерии од 77 киловат-часа со кои може да помине одлични 520 километри. Топ верзијата има два електромотора со 299 коњи, погон на сите тркала и истиот пакет батерии, кај неа доволни за 490 километри. Согласно веќе усталената традиција, и Q4 e-Tron ќе доаѓа во две каросериски изведби – стандардна и Sportback со купеовски спуштен заден дел. Дизајнот им е малку различен од препознатливиот стил на Audi и некако потсетува на концептите од пред некоја година.

Атрактивноста е постигната со поисправената маска, тенките светла и агресивно обликуваните браници. Мускулестите крила ја истакнуваат компактноста на силуетата, а задниот дел е складна мешавина меѓу елегантното и спортското. Инженерите доста имаат работено на аеродинамиката, посебно кај Sportback изведбата која заради тоа има за десетина километри поголема автономија.

Една од карактеристиките на платформата што ја користи Q4 e-Tron е што обезбедува натпросечно пространа внатрешност, која може да се споредува со кросоверите од повисоката класа. Дизајнот на ентериерот е сличен на другите модели, со геометриски чисти технички прецизно изведени линии. Истото важи и за опременоста, при што од Audi посебно го истакнуваат новиот head-up дисплеј кој сликата ја проектира динамично во погледот на возачот како да лебди над патот на некои десетина метри оддалеченост. Сé на сé, Audi има модел кој со своите карактеристики би можел да постигне голем успех на пазарот. На нив се надоврзува и цената која во Германија стартува од умерени 41.900 евра, постигната со тоа што заеднички се произведува со Volkswagen ID.3 и ID.4 во погоните во Цвикау.