Aston Martin повторно ја загреа јавноста
Објавено на 13 мај 2018 година
Овојпат за тоа беше доволно само потсетување дека се ближи моментот кога првите примероци на Vantage ќе бидат испорачани на своите сопственици. Сигурни сме дека тие со нетрпение ги очекуваат бидејќи овој мускулест спортист едноставно остава без многу зборови. Каросеријата со витка силуета, истакнати облини и перфектно обработени детали е поставена на алуминиумска структура. Во долгиот и ниско спуштен преден дел е сместен четирилитарски V8 мотор од AMG со 510 коњски сили. Засега е спарен со 8-степен автоматски менувач од ZF, а подоцна ќе биде понуден и со мануелна трансмисија. Од Aston Martin напоменуваат дека агрегатот е поставен исклучително ниско заради постигнување идеален 50:50 распоред на тежината. Забрзувањето до стотка трае 3,6 секунди, додека максималната брзина е 313 километри на час. Возачите ќе можат бираат меѓу 3 режими на работа, а внатрешноста некако сугестивно потсетува на Mercedes AMG GT. Управувачот сепак е оној истиот со чуден облик познат од другите модели на Aston Martin. Цената му изнесува 120 илјади фунти, а производството е распродадено за цела година однапред.