Топлес V8 искушение со 680 KS
После купето, Aston Martin ја претстави и Volante кабриолет верзијата на DB12
Стилските кабриолети отсекогаш биле силна страна на Aston Martin – и новопокажаниот DB12 Volante е доказ за таа репутација. Пристигнува три месеци по купето и како него веќе ја нема V12 опцијата што се нудеше кај претходникот DB11. За ентузијастите кои уживаат во возењето на отворено, на електрично управуваниот платнен покрив му се потребни 14 секунди за отворање и две повеќе за затворање, до брзини од 50 km/h. Преклопувањето се врши во двостепена шема и не загрозува голем дел од товарниот капацитет, а од Aston Martin велат дека е акустички подобрен со 8 слоеви изолација. Стандардната боја е црна, а опционално се достапни црвена, сина и комбинација од црна и сребрена.
Кога е спуштен покривот љубопитните погледи ќе забележат различни од купето наслони на седиштата и ентериер со дрвен фурнир и панели од јаглеродни влакна. Инфозабавниот систем е развиен од страна на сопствените инженери и со интегриран 10,25 инчен Pure Black екран чувствителен на допир и Bowers & Wilkins аудио систем опционално со 15 звучници и 1.170 вати. Моторот е познатиот 4,0 литарски V8 твин-турбо од AMG кој произведува 680 KS. За нивни трансфер кон задната оска е задолжен осумстепен ZF автоматски менувач, потпомогнат од електронски заден диференцијал. Кабриолетот забрзува од 0-100 km/h за 3,7 секунди и до максимални 325 km/h. Кому ова не му е доволно, во иднина нека очекува плаг-ин хибридна опција која сигурно ќе донесе повеќе моќност и подобрени перформанси.
Производството ќе започне во третиот квартал годинава, а првите испораки некој месеци потоа. Цените не се познати.