Џејмс Бонд ќе се вози на струја
Aston Martin и Џејмс Бонд имаат долга заедничка историја започната уште во 1964-тата година со моделот DB5 во филмот Голдфингер
Објавено на 21 март 2019 година
Од првиот филм со кој Џејмс Бонд настапи со Aston Martin многу работи се сменија – студената војна заврши, се менуваа актерите кои ја глумеа улогата, режисерите и практично сé друго. Се менуваше и светот на автомобилите, кои трендовски сега возат на струја. Една работа сепак беше задржана – возилата на Aston Martin некако останаа заштитен знак на тајниот агент 007. А тој во својот најнов филм ќе биде еколошки освестен и ќе ги гони најзлобните светски злосторници со моделот Rapide E, кој на пазарот треба да се појави пред крајот на годинава. Ќе биде задвижуван од два електромотора со вкупно 610 коњски сили сместени назад. Напред место стандардниот V12 мотор ќе се наоѓа пакет батерии со капацитет од 65 киловат-часа, кој ќе овозможи автономија од околу 320 километри. Серискиот Aston Martin Rapide E ќе забрзува до сто километри на час за помалку од четири секунди, а најголемата брзина џентлменски ќе му биде ограничена на 250. Британците сепак не се воздржаа и кажаа дека овој модел кој ќе биде произведен во само 155 примероци со леснотија би достигнал повеќе од 300 километри на час. Но вистинското прашање е дали закоравените приврзаници на најславниот шпион во светот ќе можат да се помират со недостатокот на бензинската симфонија.
Филмот во кој Џејмс Бонд ќе настапи со електричниот Aston Martin треба да се појави во кино-салите во април идната година. Автомобилот што ќе го вози ќе пристигне нешто порано, со цена која се споменува дека ќе биде околу 250 илјади фунти.