Америка – електрификација

Занимливости

Колку чини електрификацијата?

Според аналитичарите, неопходни се помеѓу 70 и 230 милијарди долари за инфраструктурни инвестиции!

објавено 12. април 2021

Масовната електрификација на возилата сé уште ја нема зафатено Америка, но аналитичарите веќе гледаат проблеми со неа. Нивниот фокус не е насочен само кон недоволната инфраструктура за полнење, туку и кон подготвеноста на енергетскиот систем на земјата да прифати голем број електрични возила. Проценките се дека за секое новопродадено вакво возило треба да се инвестираат меѓу 1.700 и 5.800 долари во надградба na електричната мрежа. Од друга страна пак стигнуваат предвидувања дека до крајот на деценијава на патиштата низ Америка ќе сообраќаат околу 40 милиони електрични возила. Така се доаѓа до сума меѓу 70 и 230 милијарди долари кои државата треба да ги обезбеди во наредните 10 години. А нејзините планови се далеку поскромни и за таа намена се предвидуваат само по 3 милијарди годишно. Ако на ова се додадат и инвестициите на приватните компании се стигнува до 10 милијарди, што можеби ќе биде доволно но најверојатно не. Погледот кон подалечната иднина уште повеќе го продлабочува овој проблем бидејќи се проценува дека потрошувачката на струја заради електричните возила до 2050 година ќе се зголеми двојно. Едно сепак е кристално јасно – накрај сето тоа ќе го платат возачите.