Alfa Romeo 33 Stradale, светска премиера – видео, фото галерија

Храброста да се сонува

Alfa Romeo со гордост го објави повторното раѓање на иконата од 1960-тите

Со симфонија од сензуални линии и моќни емоции, Alfa Romeo ги повикува сите да се осмелат да сонуваат и да ја почувствуваат страста што го обликуваше нивното ново уметничко дело со старо и славно име. Иконата од 1960-тите, легендарниот 33 Stradale од кој се направени само 18 примероци и кој многумина го сметаат за еден од најубавите автомобила на сите времиња, ја отстапи својата душа на новиот италијански спортски модел. Тој во целост е во согласност со историјата на марката на која ќе ѝ служи со својата совршеност и ќе придонесе за остварување на јасните амбиции да се напишат нови поглавја во неа.

Тимот на Alfa Romeo ја оствари својата цел со трпелива работа користејќи ја целокупната своја стручност. Резултатот е автомобил кој нуди задоволство во возењето како на тркачка патека, но прикладен и за секојдневна употреба, без компромиси во удобноста и безбедноста. Перформансите ги обезбедува еволуираниот 2,9 литарски твин-турбо V6 мотор со 620 коњски сили или електрична погонска група со 750 коњи и автономија од 450 km, со што се поврзуваат минатото и иднината. Најголемата брзина и во двата случаи е 333 km/h а забрзувањето до 100 km/h за помалку од три секунди. Најдоброто од италијанското инженерство вклучува и ослонување со двојни рамења и активни амортизери со можност за подигнување на предната оска, а за запирање се задолжени Brake-By-Wire систем и Brembo карбон-керамички дискови кои од 100 km/h ќе го сторат тоа за 33 метри.

Алуминиумската H-рамка и монокок каросеријата од јагленородни влакна гарантираат крутост и ниска тежина, а вратите се отвораат нанагоре. Изгледот му е инспириран од оригиналот, збогатен со скулптурална убавина и дизајнерски елементи од новиот стилски јазик на Alfa Romeo, со избалансирани пропорции и мускулести површини. Профилот е динамичен и виток, а бруталниот заден дел со скратената опашка ја изразува силата на автомобилот. Отворите на вратите во аглите и стаклата кои длабоко засегаат во покривот му даваат на возачот единствен поглед на кабината, а отворањето на предната и задна хауба театрално го заокружува пакетот.

Внатрешноста е пример за минималистички дизајн кој има за цел да не му го одзема вниманието на возачот. Директно во неговиот поглед е 3-Д телескоп-дисплеј кој го вклучува во интеракција. На воланот ги нема вообичаените копчиња, додека командите се наоѓаат на различни нивоа, вклучително и над главата, во облогата на покривот. Ограничен број контроли за вообичаените системи се на централната конзола, а седиштата се реинтерпретација на оние од минатото. Впрочем, секој детаљ е дизајниран да создаде привлечно опкружување, одржувајќи го естетското и техничко наследство на 33 Stradale од 1967-мата.

Значајно е и тоа дека во креирањето на автомобилот учествуваа и неговите купувачи – сите 33-ца. Официјално цената не е објавена, но се шушка дека се искачува над милион евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER