Калкулација со емоциите
Објавено на 7 октомври 2019 година
Додека Ferrari се врти кон кабриолетите, во фокусот на Abarth остануваат младите возачи. Токму за нив е создаден моделот 595 Pista, како продолжеток на обновеното семејство на малиот Fiat 500. Како што името му кажува, акцентот на ова специјално издание е поставен на тркачките својства. Моторот е познатиот 1,4 литарски турбо навиен на 165 коњски сили, а менувачот е автоматски со пет степени. Доаѓа со активен издувен систем и спортски Koni амортизери, а стандардна е и интегрираната телеметрија за бележење на сопствените рекорди. Ќе го оправда логото на шкорпијата и со специјалните бои на надворешноста со дречливи зелени детали. Abarth 595 Pista е опремен со целата стандардна опрема што е потребна за да се гарантира возбудливо возење. Сепак како што може да се очекува ентериерот е исполнет со бројни трендовски технологии, посебно тие што ги интересираат младите. Неизоставни секако се спортските седишта и тркачкиот управувач со пресечено дно и ознака за центрирање на врвот. Максималната брзина што ја постигнува е 218 километри на час, а забрзува до првите сто за помалку од 7 секунди. Цената во Италија му изнесува 23.700 евра.