Фраер на батерии
Се тресеше гората, се роди…
Многу фанови на лутиот скорпион се возбудија кога минатата година Abarth ја претстави својата верзија на електричниот Fiat 500.
Во очекување што ќе овозможи засилениот на 155 коњи електромотор, тие се надеваа дека зачинетиот негов стил ќе биде доволен да се задржи страста што ја донесува забавното и динамично возење. Но од Торино стигна студен туш од кој се наелектризираа – цената на Abarth 500e изнесува 43.000 евра, а кој сака кабриолет изведба ќе мора да плати уште три илјади повеќе.
За тие пари ќе добие внатрешност од кожа и алкантара, екран од 10,25 инчи, дигитална инструмент табла, деливо задно седиште, двозонски клима уред, помош при паркирање и други трендовски и безбедносни додатоци.
Слаба утеха е што ова се однесува само за иницијалната серија наречена Scorpionissima, бидејќи сите љубители на марката се надеваат дека ќе бидат понудени и посилни верзии кои секако ќе пружат посилни перформанси. Според фабричките декларации електричниот Abarth 500 до сто километри на час забрзува за 7 секунди, а автономијата не му е објавена. Првите испораки се очекуваат во јуни.