Elantra можеби не е најскапиот автомобил во понудата на Hyundai, ниту пак најмоќниот, но дефинитивно е еден од глобално најважните!
Салонот на автомобили во Лос Анѓелес беше почастен како место на лансирање на новата генерација на Elantra, која во истиот облик ќе се нуди на глобалниот пазар. На самиот почеток на нејзиното патешествие јасно е дека Корејците сакаат да се вратат на корените, но во модифицирана верзија.
Со овој потег тие во мода ги враќаат седаните во далеку помускулозна форма и атрактивни дури и за младите, но погоните предвидуваат само бензински и хибридни склопови. Во инает на електричните погони, кои Hyundai ги има на претек, тука се работи за вистински класик.
Три волуменска лимузина со атлетско тело, раскошни пропорции од 4,7 метри должина, кои ги движат цилиндрите. Како што објави на лансирањето идната година походот почнува од Америка каде ќе дебитира изведбата со дволитрен бензински мотор од 147 коњски сили и со „Интелигентен варијабилен менувач“ (IVT) – што всушност претставува CVT менувач со поатрактивно име.
Една година подоцна, во 2028-та доаѓа и верзијата со самонапојувачки хибрид чија системска сила произлезена од 1,6 литрениот бензинец со четири цилиндри со вкупна моќност од 155 коњски сили доаѓа од батерија од 1,49 kWh, додека електричниот мотор сега испорачува 60 коњски сили. Elantra Hybrid вклучува и систем за прилагодливо регенеративно сопирање, со можност за контрола преку рачките зад воланот, па дури нуди и режим на возење со една педала, слично како кај целосно електричните возила.
Во текот на изминатата деценија, Hyundai покажа подготвеност да се откаже од конвенционалните решенија и да создаде навистина впечатливи возила. Токму тоа е направено и кај Elantra: преку дизајнерскиот јазик „Art of Steel“ (Уметноста на челикот). Клучните елементи на надворешноста вклучуваат впечатлив преден браник и LED предни светла, нагласени лакови над тркалата и атрактивен, динамичен заден дел.
Основниот модел ќе биде понуден со 16 инчни тркала, 12,9 инчен инфозабавен дисплеј со безжична поддршка за Apple CarPlay и Android Auto, како и паметен темпомат со функција Stop & Go. Не е само надворешноста на новата Elantra таа што значително се разликува од претходниот модел.
Заедно со целосно новиот Tucson, таа ќе биде еден од првите модели на Hyundai што ќе го претстави целосно новиот дизајн на ентериерот на компанијата.
Во средиштето на редизајнираната кабина се наоѓа големиот централен инфозабавен дисплеј, кој работи на оперативниот систем Android Automotive OS и преку кој се пристапува до повеќето поставки и контроли на возилото.
Овој екран поддржува безжично ажурирање на софтверот, како и гласовниот асистент со вештачка интелигенција на Hyundai, наречен Gleo. Промените во кабината не завршуваат со екранот. Како стандарден дел од опремата, моделот доаѓа со најновата генерација на волан, инструмент-табла и дизајн на централниот тунел.
Elantra, исто така, ги задржува физичките прекинувачи за контрола на температурата и брзината на вентилацијата, како и за греењето и ладењето на седиштата кај повисоките пакети на опрема. Hyundai сè уште нема прецизирано кога точно ќе бидат лансирани новите Elantra и Elantra Hybrid, а исто така допрва треба да ги објави и деталите околу цените.


