Возевме – Leapmotor C10 Design Pro

Кинеската членка на Ѕtellantis преку C10 настапува во  средната класа на кросовери. Тој е создаден да се натпреварува во традиционално амбициозен сегмент со конкурентна цена и свеж пристап кој ќе му овозможи рамноправно да се наметне на етаблираните европски марки.

C10 изгледа навистина добро. Тој е модерен и минималистички, а светлосните групи и деталите делуваат прилично луксузно, што му овозможува на Leapmotor без проблем да се вклопи на паркингот пред некој луксузен хотел, без притоа да предизвика сомнеж.

Но, штом ќе го паркирате покрај некои нови европски модели, станува јасно дека постои одредено преклопување. Задниот дел има нешто што потсетува на Cayenne, додека предниот дел има нота на Smart. Сепак, прикаската е нешто поинаква. Ова е модел што во голема мерка црпи инсирација од кинескиот Nio.

И му благодарам на „Севишниот“ за тоа. Нема ништо лошо во дизајнот на C10. Тој е чист, ненаметлив и минималистички, со огромен централен екран и голем дигитален дисплеј за инструментите. Централната конзола, пак, содржи преграда за складирање, подлога за безжично полнење телефони и неколку држачи за чаши.

И тоа е, всушност, сè. Сè се контролира преку екранот,  нешто што обично веднаш иритира, но графиката е прилично остра и функционира сосема солидно. Изработката делува квалитетно, а стандардите можат да им парираат на традиционалните брендови. Поентата е дека C10 може рамноправно да се натпреварува со своите ривали во однос на префинетоста на ентериерот, и покрај неговата ниска цена.

Уште една компетитивна предност е просторот во кабината нудејќи пространа внатрешност, како за патниците напред, така и за оние назад. Четири возрасни лица ќе се чувствуваат и повеќе од удобно и ако се високи, а има место и за нивниот багаж од 485 литри.

Бидејќи кабината е крајно минималистичка, C10 мора да се издвои преку технологијата, што значи дека ќе поминувате многу време во интеракција со екранот на допир. Всушност, со оглед на тоа што речиси и да нема физички копчиња, сите функции целосно зависат од централниот екран.  Дури и контролите на воланот, кои се прилично збунувачки, бараат потврда преку екранот на допир за да ја извршат саканата команда.

Ваквата зависност од технологијата може да биде вистинска главоболка. Користењето екран на допир секогаш повеќе го одвлекува вниманието отколку притискањето на обично копче но, за среќа, екранот во C10 е прилично јасен, како во поглед на резолуцијата, така и во однос на респондивноста. Дигиталната инструмент-табла е исто така многу јасна и лесна за читање, иако не е толку „паметна“ како некои слични системи што се нудат во други, попрестижни кросовери.

Погонскиот систем на C10 е генерално прилично едноставен: вклучува голема, структурно интегрирана батерија вградена во подот на возилото, како и електромотор со моќност од 160 kW што ги придвижува задните тркала. Ова обезбедува до 218 коњски сили, што е доволно за енергично забрзување кое не е екстремно брзо. Некои можеби претпочитаат нивниот кросовер да има погон на сите тркала.

Поважно е како возилото ја користи својата батерија, а конфигурацијата со еден електромотор и погон на задните тркала е дизајнирана со цел да биде ефикасна. Токму затоа, батеријата на C10 со капацитет од 69,9 kWh овозможува автономија од 420 км според официјалниот WLTP тест за ефикасност. Се разбира во реални услови нема да ја постигнете таа бројка, но без проблем ние поминавме околу 350 км, што е сосема конкурентно, особено за производ што е фокусиран на добар сооднос меѓу цената и вредноста.

Нашата просечна потрошувачка изнесуваше 16,9 kW на 100 км, иако средниот просек на вкупно изминатите 2.483 км покажуваше 14,8. Иако полнењето до 80 проценти за 30 минути не звучи лошо, треба да се има предвид дека оваа бројка се однесува на полнење почнувајќи од 30 проценти наполнетост, додека повеќето конкуренти ја наведуваат оваа вредност почнувајќи од 10 или 20 проценти. И покрај неговите димензии, Leapmotor C10 е изненадувачки лесен за возење.

Електромоторот реагира брзо, обезбедувајќи тивко и моментално забрзување, додека лесниот управувач и добрата прегледност го прават возилото релативно агилно и лесно за маневрирање низ град. Возилото е удобно, иако на суспензијата ѝ недостасува малку префинетост. Пријатното возење е донекаде нарушено од немирното и нерамномерно однесување на оштетени коловози.

На одредени места, тешко наоѓа стабилност, ситуација во која повеќето европски конкуренти би се снашле многу подобро и побрзо. Ова не би било толку страшно доколку C10 нудеше навистина интересно искуство зад воланот, но наместо тоа, управувањето е прилично незанимливо. Иако возилото е сосема способно, му недостасува чувство и ангажираност за да може да се спореди со традиционалните модели.

Во секој случај С10 е прилично избалансиран и нуди солидна удобност на рамни површини, како што се автопатите. Можете лесно и без забелешки да поминете долго патување по автопат – сè додека не дојде време за полнење на батеријата, се разбира. Како и во случајот со моделот T03, од Leapmotor нагласуваат дека сметаат оти C10 е навистина безбеден, но засега нема независни податоци што би го потврдиле тоа.

Leapmotor C10 досега не е тестиран од Euro NCAP, па затоа не знаеме какви резултати би постигнал во тој поглед. Она што го знаеме е дека возилото нуди широк спектар на безбедносни технологии: од следење на „мртвите агли“ и предупредување за напуштање на коловозната лента, па сè до автоматско итно сопирање и камера за паркирање – сè е вклучено. Назад има повеќе од доволно простор.

Leapmotor C10 е на исто ниво со повеќето свои конкуренти, дури и со динамичките својства. Со забрзување до стотка за 7,5 секунди и максималчна брзина од 170 км/ч има уште еден аргумент на своја страна. Секако, најсилниот аргумент е цената. За 30.900 евра добивате целосно електричен кросовер со многу простор и завидно ниво на технологија. Доколку го купите преку Шпаркасе лизинг, оваа цена станува далеку поприфатлива.

Учеството од само 6.702 евра и месечна рата од само 385 евра месечно на 84 месеци сигурно ќе ја свртат стрелката кон него. За воља на вистината, ова е износ кого треба да го одвоите за многу помал автомобил со електричен погон од европските марки. Во прилог на Leapmotor C10 оди и целосната гаранција од четири години или 100.000 км и за батеријата во траење од осум години или 160.000 км.

Ова е идеално возило за оние на кои не им се најважни брендот или возните карактеристики, а сакаат да имаат кросовер со електричен погон за исклучително ниска цена. Тоа е факт што ќе биде тешко да се игнорира.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER