Модерен, динамичен, препознатлив – како и сите други пред него
Повеќе од пет децении BMW серија 3 го олицетворува задоволството во возењето преку изразениот спортски карактер, впечатливиот дизајн и постојаниот технички напредок. Резултатот е долга и трајна приказна за успех врз која секоја нова генерација има обврска да се надоврзе.
Претставувајќи технолошки исчекор, новата серија 3 ја продолжува оваа приказна во нова ера со електричниот модел заснован на Neue Klasse платформата што го знаеме како BMW i3. Тој го усоврши добро познатиот карактер на автомобилот со додавање на нови, истакнати карактеристики. На него сега му се придружуваат и варијантите на серијата 3 опремени со високоефикасни бензински мотори со 48-волтна технологија. Во текот на наредната година понудата ќе биде проширена и со плаг-ин хибридна варијанта. Дизели не се споменуваат.
Новите модели на серијата 3 го прилагодуваат визуелно впечатливиот Neue Klasse дизајнерски јазик кон динамичниот карактер на спортската лимузина. Притоа, електричните и бензинските модели со се разликуваат само во детали, а постои и минимална разлика во димензиите. Новата серија 3 со својот модерен дизајн веднаш се препознава како BMW. Нејзината силуета ги истакнува карактеристичните спортски пропорции на марката. Подолгото меѓуоскино растојание, кратките препусти и впечатливите површини го обликуваат уникатниот изглед. Наназад повлечената кабина во комбинација со изразено проширените лакови на тркалата му даваат исклучителна атлетска нота на делот над задните тркала. Силуетата е дефинирана со впечатлива карактерна линија што визуелно го спушта возилото поблиску до патот. Рачките на вратите се целосно вовлечени во каросеријата и автоматски се извлекуваат кога возилото ќе се отклучи.
Предниот дел на новата серија 3 вклучува свежа, но истовремено и препознатлива интерпретација на две дизајнерски икони – карактеристичната решетка на BMW во форма на бубрези и двојните предни светла. Тие се спојуваат во визуелно впечатлива целина создавајќи иновативен светлосен потпис. Во меѓувреме, новите жолти светла во М-стилот преземени од дизајнот на тркачките автомобили обезбедуваат смел и препознатлив белег за новите модели од BMW M Performance линијата. Задниот дел со својот изразито хоризонтален распоред на светлата зрачи со технички напредок и прецизност а нагласените лакови над тркалата го истакнуваат широкиот, спортски став на седанот.
Минималистичкиот дизајн се пренесува и во ентериерот. Кабината која нуди чувство на динамика, пространост и модерност воведува сосема нов начин на ориентација кон возачот преку BMW Panoramic iDrive системот за приказ и управување кој ги проектира содржините важни за возењето директно во видното поле на возачот. Централниот дисплеј со дијагонала од 17,9 инчи е поставен на инструмент-таблата и е насочен кон возачот. Новодизајнираниот управувач се одликува со централен крак во горниот дел и со мултифункционалните копчиња е оптимизиран за особено интуитивно користење.
Линиите што се протегаат нанапред од вратите кон инструмент-таблата создаваат чувство на опкруженост за возачот и патниците, додека големиот панорамски покрив со стакло за термичка заштита, во комбинација со големите прозорци обезбедува исклучително прозрачен амбиент исполнет со светлина. Седиштата кои нудат сигурна странична потпора и високо ниво на удобност располагаат со електрично прилагодување и функција за меморија. Моделите од новата BMW серија 3 им нудат на клиентите избор меѓу четири различни дизајни на ентериерот, од кои секој нуди хармонично усогласена комбинација на бои и материјали.
Предводник на бензинската гама на новата серија 3 е спортски моќниот M350 xDrive. Неговиот трилитарски шестцилиндричен мотор ги издигнува техничките перформанси на ново ниво на совршенство со помош на благиот хибриден систем со стартер-генератор поврзан со коленестото вратило. Развива максимални 443 KS кои ќе го забрзаат до 100 km/h за 4,1 секунда и дотераат до електронски ограничените 250 km/h. За нова димензија на задоволство во возењето доаѓа и со дрифт функција. Покрај него, при лансирањето новата серија 3 ќе биде достапна и во две верзии со дволитарски четирицилиндричен мотор со 156 и 211 KS. Сите изведби се опремени со осумстепен менувач.
Производството на серијата 3 со бензински мотори ќе се одвива во фабриката во Динголфинг, Баварија. Цените стартуваат од 49.900 евра.








