Уште еден викенд за паметење
Веќе традиционално „Порше центар Скопје“ беше домаќин на караванот сочинет од модели на својот принципал. Оваа година флотата беше најмоќна благодарение на електричните верзии чија сила веќе спаѓа во категоријата „апсурдна моќност“.
На избор за возење беа 10 возила. Најмоќниот меѓу моќните беше Cayenne Turbo Electric со своите 1.156 КС, го следеше Panamera Turbo S PHEV со 782 КС и Macan GTS Electric со своите 571 КС. Cayenne PHEV Black Edition и Taycan Turbo S Cross Turismo, иако моќни, делуваа во ова друштво помалку „анемично“ со само 462 односно 435 КС. Честа на класичните погони ја одбрани кабрио изведбата 911 Turbo S со 711 коњи.
Времето и расположението за возење беа извонредни и со голем ентузијазам се упативме на рутата долга околу 300 километри, од Порше Центар Скопје, преку Штип, Неготино и винаријата Лазар.
Честите ротации ни овозможија да седнеме зад управувачот на споменатите возила. Мене лично најголемо задоволство ми пружи кабриолет изведбата на 911 Turbo S затоа што на планинската кривулеста рута од Ласкавица до Пепелиште дојде до израз сиот раскош на престижниот модел. Секако дека не успеав да ги мобилизирам сите 711 коњи, но фактот дека лесно се контролира бесната машина, ми даде една поинаква димензија во уживањето во возењето со спуштен покрив.
По паузата во винаријата Лазар на ред дојде да се вози најсилното сериско Porsche. Cayenne Turbo Electric е прикаска сама за себе. Прв пат седнувам зад управувач на возило што има 1.156 коњи.
Перформансите на хартија се импресивни, а чувството што го пружа е фантастично, дури надреално. За жал бевме на авто пат каде ограничувањето на брзината на движење е 130 км/ч. До стотка потребни се само 2,5 секунди, а до 150 км/ч уште едно трепкање… Патот од винаријата Лазар до Штип, а потоа до Скопје поминаа како во сон.
Ќе бидам себичен и доживеаното ќе го чувам за себе. По оваа ракета на тркала возењето на Macan GTS Electric беше „смирувачко“ искуство иако неговите 571 КС се вон рамката на реалното. На домаќините уште еднаш им се заблагодарувам на несекојдневното доживување, а јас со нетрпение го очекувам следното Porsche Driving Experience.


