Легендата се врати со дизел мотор, крута шасија и сериозни 4×4 способности
Пет години по заминувањето, едно од најпознатите имиња во светот на теренците повторно е меѓу нас – Mitsubishi го претстави потполно новиот Pajero. Нема оправдувања зошто паузата беше толку долга но Јапонците не заборавија што значи неговото име и враќањето на сцената не го искористија комерцијално да го претворат во уште еден голем SUV со квази-теренски способности.
Напротив, Mitsubishi го задржа и надгради сето она заради што Pajero со децении имаше посебно место во историјата на автомобилизмот – и новиот модел доби конструкција со крута шасија, дизел мотор и сериозен погон на сите четири тркала со редуктор. Со други зборови, Pajero беше и остана вистински теренец кој со гордост ќе го носи името кое за четири децении колку што живееја неговите претходни четири генерации го избраа 3,3 милиони возачи во повеќе од 170 земји низ целиот свет.
Слободно можеме да кажеме дека најважна техничка одлука што ја донесе раководството на Mitsubishi е самата конструкција. Основата води потекло од Triton односно L200 како што ние го знаеме, но Јапонците нагласуваат дека Pajero не е едноставно затворена верзија на пикапот. Кабината, предното и задното ослонување посебно се развиени за него, со цел задржувајќи ги способностите надвор од асфалтот истовремено да понуди и значително повисоко ниво на комфор за патниците. Затоа и шасијата има зголемена крутост и намалени вибрации.
Друга значајна одлука е дизелската погонска група. Не треба воопшто да чуди што во време кога сите зборуваат за електрификација новиот Pajero барем на почетокот на својот животен пат ќе доаѓа со дизел без никаков хибриден додаток. Неговиот 2,4 литарски агрегат со четири цилиндри и турбо компресор со променлива геометрија има максимален вртежен момент од 470 или 480 Nm зависно од пазарот, додека бројот коњски сили не е објавен – веројатно ќе ги има повеќе од двесте.
Поврзан со нов осумстепен автоматски менувач ќе го задвижува возилото преку систем за трансмисија со редуктор кој овозможува пренесување на силата само на задните или на сите четири тркала, со блокирање на централниот диференцијал. Електрониката која ќе ја контролира работата на сопирачките, стабилноста на возилото и расподелбата на погонската сила а возачот ќе му стави на располагање седум режими на работа. Ослонувањето напред е независно со двојни попречни рамења а назад новоразвиена крута оска со пет водилки. Растојанието од подлогата изнесува 230 mm а доказ за теренските способности се и пристапниот агол од 30,4 степени, аголот на премин од 22,6 и излезниот агол од 25,8 степени.
Димензиите му се како и некогаш, дури и поголеми – долг е 4.920 милиметри, широк 1.925, висок 1.910 а меѓуоскиното растојание кое порасна најмногу се растегна на 2.870 mm. Внатрешноста е значително променета и Pajero сега има седум седишта. Вториот ред може да се поместува за 150 mm, со што се олеснува пристапот до задните две седишта за кои Mitsubishi посебно нагласува дека се прилагодени и возрасни патници, со доволно простор за главите и стапалата. Еден од интересните детали во внатрешноста е системот наречен Multi Meter кој сега е дигитален и прикажува надморска височина, компас, надворешна температура, надолжен и бочен нагиб на возилото и параметрите на електрониката задолжена за дистрибуција на вртежниот момент и стабилноста на возилото.
За порелаксирани патувања се задолжени двата големи екрани од кои дигиталната инструмент табла нуди 16 различни графички позадини кои се менуваат зависно од периодот на денот. Посебно внимание е посветено на изолацијата на кабината која има акустични стакла а четирите камери од 3D Multi Around Monitor системот создаваат приказ на просторот околу автомобил и под него кога се вози на терен. За безбедноста се грижи нов сеопфатен пакет за помош на возачот кој покрај другото има и функција за автоматско запирање со препознавање на пешаци, велосипедисти и мотоцикли, предупредување за опасност од судар, помош при менување лента и надзор на сообраќајот при поминување низ раскрсници. Воздушни перници ги има осум, вклучувајќи и една централна меѓу предните седишта.
Новиот Pajero кој ќе се произведува во Тајланд ќе се врати како перјаница на брендот на стотина светски пазари, меѓу кои Европа и Северна Америка не се ексциплитно споменуваат.


























