BYD спроведе интересен тест
За да покаже дека новите генерации батерии за електричните возила се издржливи, кинескиот BYD успеа за девет дена повеќе од 350 пати да ги наполни батериите на тест-возилото Yangwang U7, притоа нагласувајќи дека тоа е случајно избран примерок а не посебно подготвен прототип. За празнење на батериите меѓу полнењата тоа е возено со брзина од 240 km/h, вкупно поминувајќи 30.000 километри. После тоа, проверката на батериите покажала дека тие задржале дури 98,7 отсто од капацитетот. Одлична бројка, посебно заради фактот дека во тие моменти времето во тој дел на Кина каде е извршено тестирањето било пеколно – дневните температури достигнувале 36 степени а влажноста на воздухот 80 отсто.
Yangwang U7 е луксузен модел на BYD кој користи втора генерација Blade батерии со капацитет од 150 kWh кои подржуваат полнење со 640 kW. Неговите четири електромотори развиваат дури 1.306 KS, а декларираната автономија изнесува 1.006 километри. Во текот на неговите тестирања пред почетокот на продажбата 758 примероци заедно имаат поминато 10,5 милиони километри. Цената во Кина му изнесува 95 илјади долари. Се нуди и со батерии од 135 kWh и во плаг-ин хибридна изведба.


