Продуктивноста на двете најголеми светски автомобилски компании низ бројки
Мрзливи ли се Германците или што?! Европската автомобилска индустрија никогаш не била волку загрозена – за да се спасат од уште полоши времиња сите лицитираат со многу откази, некогаш дури и повеќе од сто илјади. Но главното прашање останува – дали тоа ќе биде доволно?! Еден пример кристално јасно покажува од каде доаѓаат стравувањата и на менаџерите и на работниците.
Директната споредба на двете најголеми светски автомобилски компании покажува колку се разликува продуктивноста. Имено бројките велат дека Volkswagen групата вработува околу 60 отсто повеќе луѓе од Toyota, ама јапонската компанија произведува и продава за 30 отсто повеќе возила. Конкретно, за Германците ширум светот работат околу 630.000 луѓе додека Toyota има околу 390.000 вработени. Од друга страна, во првите шест месеци годинава Јапонците испорачале 5,4 милиони возила, а Volkswagen само нешто повеќе од 4,1 милиони.
Сепак мора да се признае дека ваквата споредба не е баш реална – вертикалната интеграција на производството кај Volkswagen е далеку поголема додека Toyota повеќе се ослонува на своите добавувачи, во кои често има и сопственичко учество. Но токму тоа го покажува вистинскиот проблем – формулата на Volkswagen која во минатото му помогна да израсне во еден од најголемите индустриски производители во светот сега им тежи како воденички камен околу вратот создавајќи им големи оперативни трошоци. Затоа и се калкулира со неверојатни 140.000 откази со цел да се спроведе реструктуирање кое ќе ја зголеми ефикасноста и доведе до потребното ниво заштеди за да се спаси иднината. А таа е многу тешко да се предвиди…




