Audi се искачи на највисокото скалило
Audi го претстави најголемиот и најлуксузен модел во својата историја. Ја има ознаката Q9 која кажува сé сама за себе – дека е наменет за оние кои бараат врвен комфор, престиж и бескомпромисни технологии. Фрла ракавица директно во лицата на BMW X7 и Mercedes GLS на кои ќе им конкурира со должината 5,3, ширината од дури 2,2 и меѓуоскиното растојание од 3,14 метри. Овие бројки јасно покажуваат која му е целната група – американските и купувачите на Блискиот исток.
Внатрешноста ќе биде достапна во две конфигурации – стандардна со седум и луксузна варијанта со шест седишта. До нив ќе се стигнува преку вратите кои се отвораат автоматски, кога патникот ќе се доближи до возилото. Со нив може да се управува и преку централниот екран или пак со мобилен телефон. Системот има сензори кои спречуваат вратите да се отворат доколку во близина се наоѓа друго возило или велосипедист. Возачкото опкружување го карактеризираат три екрани – пред возачот, централниот и за совозачот. Ваквиот ентериер претставува нова интерпретација на филозофијата „Напредок низ технологијата” во која чувството во кабината ќе има сé поважна улога.
Техничката основа е позната од A6 и Q7. Понудата на почетокот ќе опфаќа две верзии на благо хибридизираниот трилитарски V6 дизел, со 245 и 299 коњски сили. Менувачот е осумстепен а погонот на сите четири тркала. Се очекува и плаг-ин хибридна верзија, а во план е и спортски SQ9, веројатно со 4,0 литарски турбо V8 познат од Bentley Bentayga, Lamborghini Urus и Porsche Cayenne.
Нарачки веќе се примаат а првите испораки се предвидени за ноември. Позната е цената само на моделот со посилен мотор која изнесува 108.400 евра. Audi Q9 ќе се произведува во Братислава.




























