На денешниот 25-ти јули 1991-вата беше произведен последниот Citroën CX
Лансиран во 1974-тата како наследник на легендарниот DS, остави длабока трага во автомобилската историја. Важеше за најаеродинамичен автомобил на своето време и имаше изглед од кој сите подзинуваа. Посебно при стартувањето на моторот кога хидропневматското ослонување го нивелираше возилото. Беше статусен симбол, но не успеа докрај да ги оствари амбициите.
Citroen CX беше еден од најавангардните автомобили во историјата, дел од соништата на многу возачи. Висок само 1,37 метри, со својата клинеста форма оставаше моќен впечаток. За жал моторите не беа такви иако заради нискиот отпор на воздухот постигнуваше респектабилни брзини. Тоа му ја донесе и титулата најбрз дизел автомобил во светот.
Се произведуваше во Франција, Шпанија, Португалија, Југославија, Чиле и Тајланд. За 17 години беа направени точно 1.169.745 примероци.



