На Fiat му беше роденден

Италијанскиот производител наполни 127 години

Точно на 11 јули 1899-тата група инвеститори предводени од Џовани Ањели ја основаа компанијата Fabbrica Italiana di Automobili Torino, или скратено FIAT. Вработија 35 луѓе и со производство на првиот автомобил започнаа наредната година. Скромно – направија само 24 примероци но патот кон успехот беше трасиран. До 1910-тата Fiat стана најголем производител на автомобили во Италија а до 1920-тата држеше 80 отсто од пазарот. Уште од самиот почеток ширењето во другите сегменти беше интегрален дел во стратегијата на компанијата со што одигра пресудна улога во развојот на италијанската индустрија. Со низата легендарни, пред сé мали автомобили го задолжи светот со неверојатен број технолошки иновации и генијални конструкциски решенија.

За жал Fiat денес е само бледа сенка на својата историска улога која имаше клучно значење за моторизацијата не само на Италија туку и на Шпанија, Полска, Југославија, СССР, Турција, Бразил, Аргентина, Египет, Индија… Сепак посветла иднина ветува новата распределба на групата Stellantis во која Fiat има глобална улога. Согласно тоа гамата постојано ќе се осовременува и дополнува – за почеток со двата нови кросовера Grizzly и Grizzly Fastback претставени токму на роденденот на марката.

Наменети за секојдневни семејни потреби, тие со својата пространост и удобност далеку ја надминуваат техничката основа на Grande Panda на која се поставени – должината им изнесува 4,4 односно 4,5 метри, а багажникот 600 литри. Пропорциите се елегантни, дизајнот експресивен а практичноста извонредна. Ќе бидат достапни со бензински, благ хибриден и електричен погон, со мануелни или автоматски менувачи. Јавноста подетално ќе ги запознае есенва на салонот на автомобилите во Париз, после што ќе започне и нивната продажба.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER