Škoda Epiq – големите промени можат да дојдат и во мали пакувања (фото галерија, видео)

После неколку покажувања во јавноста како камуфлирани прототипи, дојде времето за целосно откривање на Škoda Epiq кој ќе придонесе електричната мобилност да стане подостапна

Базиран на новата MEB+ платформа со погон на предните тркала ќе понуди автономија доволна за подолги патувања и висока практичност – само како пример багажникот располага со респектабилни 475 литри. Но она со што најмногу ќе привлекува купувачи е цената поставена на околу 25 илјади евра.

Во кросоверската каросерија со должина од 4,2 и меѓуоскино растојание од 2,6 метри удобно можат да се сместат петмина патници. Дизајнот му е во согласност со актуелниот стилски јазик Modern Solid и прв модел целосно развиен според новиот визуелен рецепт на Škoda. Впечатлива се линиите на предниот дел кои ги истакнуваат отворите за воздух во браникот опремени со активни капаци што помагаат коефициентот на отпор на воздухот да се намали на 0,275. Светлата се во облик на буквата Т а достапна е и Matrix LED технологија.

Со својот чист и аглест дизајн, јасен распоред и минималистички стил внатрешноста од секој аспект се фокусирана на леснотијата за ориентација и ракување. Хоризонталната архитектура го подобрува чувството на просторност и отвореност додека амбиенталното осветлување придонесува за пријатна атмосфера.

Купувачите ќе можат да бираат меѓу три погонски групи. Првите две имаат 116 односно 135 коњски сили и батерии за 310 километри автономија додека најсилната располага со 211 коњи и може да помине 440 километри. Се разликува и моќноста на полнење но во секој случај за постигнување 80 отсто од капацитетот се доволни околу половина час плус-минус некоја минута. Максималната брзина е 150 за послабите односно 160 километри на час за врвната изведба на кој за забрзување до сто на час и се потребни 7,1 секунди.

Во поглед на безбедноста Epiq може да им конкурира на автомобилите од повисоките класи. Напредните системи за асистенција реагираат на сообраќајните знаци и семафори, а панорамските камери го олеснуваат паркирањето.

Овој модел е доказ дека големите промени можат да дојдат и во мали пакувања и ќе игра клучна улога во проширувањето на портфолиото на електричната понуда на групата Volkswagen. Заедно со ID.Polo и Cupra Raval ќе се произведува во Шпанија. Првите испораки треба да започнат во септември.

 

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER