На саемот на автомобили во Пекинг, Geely претстави прототип на роботакси
Кога се во прашање кинеските марки ништо не треба да нѐ изненадува. Тие се развиваат со секавична брзина и подготвени се да станат рамноправни конкуренти на концептите што се родени на западот.
Таков пример е EVA Cab. Се работи за автономно возило од ниво 4 кое е планирано за масовно производство и комерцијална употреба во 2027 година. Роботаксито е развиено со помош на Afari Technology и технолошката компанија на Geely, CaoCao Mobility. Од фотографиите се гледа дека возилото може да смести четири лица, а помеѓу главните седишта има голема конзола.
Техничките детали се оскудни, но Geely рече дека роботаксито ја има „првата електронска и електрична архитектура на вештачка интелигенција на квантно ниво, првиот дигитален LiDAR систем од 2160 линии во светот и првото софтверско решение за помош при возење на ниво L4 подготвено за масовно производство во индустријата“.
EVA Cab исто така користи три водечки чипови – NVIDIA SuperChip, NVIDIA Thor U и Qualcomm Snapdragon 8397. Geely изјави дека LiDAR системот има ултра високи можности за снимање од 25,92 милиони точки во секунда и опсег на детекција до 600 метри. Ова треба да осигура висока свесност на возилото за околината. Да сме живи и здрави, 2027 е зад ќошето!


