VinFast и покрај сите проблеми е решен да истрае во Европа
Не така одамна се слушнаа лоши вести за иднината на VinFast во Европа, но компанијата е решена да истрае и покрај сите проблеми – доказ за тоа е и пристигнувањето на од порано најавениот VF 6. Електричниот SUV од Б-сегментот кој се нуди по почетна цена од 34.990 евра претставува свеж ветер не само во понудата на виетнамскиот производител туку и воопшто на пазарот каде 27 отсто од сите продадени возила се од оваа категорија. Сепак, електричните меѓу нив не се така чести, посебно од оваа ценовна класа.
Покрај пристапната цена клучен адут на VF 6 е и впечатливиот изглед потпишан од италијанскиот Torino Design. Косата линија на покривот и препознатливите ЛЕД светла го нагласуваат спортскиот но елегантен карактер. Внатрешноста импресионира со модерниот дизајнерски јазик и големиот акцент ставен на ергономијата.
Од конкурентите се издвојува со мултилинк задното ослонување кое овозможува мирно и удобно возење и на лоши патишта, а истовремено ги подобрува агилноста и управливоста. Се задвижува од електромотор со 204 KS кој му обезбедува перформанси токму како што купувачите од оваа класа очекуваат. Автономијата се движи до 410 километри, а гаранцијата изнесува 7 години или 160 илјади километри за возилото и без ограничување на километражата за батериите.




