Планот на Nissan за извлекување од проблемите во кои се најде е лансирање на нови модели електрични возила
За тековнава година Nissan подготвува две премиери и ажурирање на системот e-POWER кај актуелниот Qashqai. Најголема новост е враќањето во игра на Micra, овој пат како БЕВ, со привлечна мешавина на смел стил и едноставност во компактно пакување.
Новата Micra е дизајнирана во Nissan Design Europe во Лондон, користејќи ја AmpR Small платформа споделена со Renault R5. Кога ќе дојде на пазарот на купувачите ќе им понуди две опции на батерии од 40 и 52 kWh, обезбедувајќи автономија над 400 километри. Продажбата на новата Micra ќе започне пред крајот на годината и ќе доаѓа од фабриката Ampere ElectriCity во Дуаи, Франција. Пријатно изненадување е најавата на трета генерација на LEAF EV која, исто така, ќе биде лансирана во Европа во 2025 година. Развиен е на CMF-EV платформата на Nissan, архитектура која ја дели со неговиот поголем брат Ariya, па логично е што LEAF станува кросовер.
Ќе се произведува во најсовремениот производствен погон на Nissan во Сандерленд, на североистокот на Англија. Следејќи го јапонскиот принцип на Kaizen, континуирано подобрување, промените во e-POWER системот ќе донесат подобрувања на неговите емисии, ефикасност и префинетост, приближувајќи го искуството во возењето уште поблиску до она на целосно EV. Речиси 250.000 возила опремени со e-POWER се продадени во Европа од неговото воведување во 2022 година. Nissan за идната година ја најави третата генерација JUKE, исто така како БЕВ, базиран на концепт автомобилот Hyper Punk кој беше претставен во октомври 2023 година на саемот за мобилност во Јапонија.




