Порше Македонија го одржа ветувањето што го даде при неодамнешното отворање на Cupra Garage, а тоа беше дека во стапка ќе се следат новитетите од шпанската перформансна марка.
Македонска премиера доживеа Terramar кој како концепт беше претставен од самите почетоци на Cupra. Во меѓувреме тој еволуираше во привлечен кросовер со моќна и претставителна појава.
Наречен по поранешната тркачка патека во близината на Барселона има доста заедничко со идниот Q3 со кој ќе ја дели монтажната лента на фабриката на Audi во Унгарија.
Должината поставена на 4,52 и меѓуоскиното растојание на 2,68 метри му обезбедуваат пропорции кои шпанските дизајнери скулптуресто ги имаат облагородено со мускулести линии и стил кој недвосмислено посочува на неговото потекло.
Внатрешноста е оригинална и се среќаваат само мал број сличности сo другите модели, било од сопственото семејството, било од роднинските марки. Инструмент таблата е дигитална, мултимедијалниот систем има екран од 12,9 инчи а менувачот е на столбот на управувачот.
Богатата моторна понуда стартува со 1,5 литарскиот турбо со 150 коњски сили, 48-волтен стартер-генератор и погон на предните тркала. Неговата цена започнува од 38.900 евра. Следна опција е дволитарскиот TSi со 204 коњи кои се распределуваат на сите четири тркала кој е за 2.000 евра поскап.
Врв на понудата е Terramar VZ со агрегат исфорсиран на 265 KS со што се оправдува цената од 45.300 евра. Дизели нема, а плаг-ин хибриди се два, со погон на предните тркала и шест или седумстепен DSG менувач во кој е вграден електромоторот.
Се ослонуваат на 1.5 TSi агрегатот и имаат 204 односно 272 коњски сили. Струјата од батериите со капацитет од 19,7 kWh би требало да биде доволна за стотина километри, а полнењето може да се врши на терминал од 50 kW. Поради батериите и опременоста тие чинат од 45 до 56.000 евра.

