Привремените давачки за кинеските возила ќе се применуваат од денес, а дефинитивните давачки ќе се воведат до ноември
Европската унија продолжи со плановите за воведување привремени тарифи на увозот на електрични возила произведени во Кина, кои ќе ги зголемат стапките на дури 48 отсто, чекор што веројатно ќе ги ескалира трговските тензии со Пекинг. ЕУ ќе примени привремени давачки за три кинески производители кои беа под спроведената истрага за субвенционирање на извозот од страна на кинеските власти.
MG се соочува со тарифа од 37,6 отсто над постојната стапка од 10 отсто, Geely ќе биде погоден со дополнителни трошоци од 19,9 отсто и BYD со 17,4 отсто. Другите производители на ЕВ во Кина кои соработувале со истрагата, ќе подлежат на просечна царина од 20,8 отсто, додека компаниите кои не соработувале ќе се соочат со дополнителни давачки од 37,6 отсто. Привремените давачки се воведуваат со гаранција и ќе се наплатат само доколку и кога се наметнат дефинитивни давачки. ЕУ тврди дека истрагата заклучила дека Кина ја субвенционира својата индустрија за електрични возила до степен што предизвикува економска штета на производителите на автомобили во Европа.
Пекинг предупреди дека може да ги погоди европските земјоделски стоки, авијацијата и автомобилите со големи мотори. Кина би можела да одлучи да ја оспори истрагата на ЕУ во Светската трговска организација. За Брисел, секое решение треба да биде втемелено во правилата на СТО и да се однесува на основните штетни субвенции што истрагата ги идентификуваше. Дополнителните давачки ќе го намалат увозот од Кина за една четвртина. Многу европски производители на автомобили јасно ставија до знаење дека се противат на повисоки тарифи за возилата произведени во Кина, а компаниите како Mercedes-Benz, BMW и VW Group јасно се изјаснија против нив. Кина за нив е најголемиот пазар.


