Практично уште незапочнати, преговорите меѓу Volkswagen и Renault за заедничко електрично возило со цена под 20 илјади евра се прекинати.
Иако и двете компании скоро целосно се затворени за информации околу тоа, се дознава дека причината лежи во германската страна која се премислила и решила сама да тргне во развој на такво возило. За тоа има и добра основа – тоа би било пласирано од три марки од групацијата, за разлика од француското кое би можело да осамне под ознаките на две.
Од друга страна пак Renault е во предност заради своето подолго електрично искуство и веќе постоечкиот Dacia Spring. Не треба да заборавиме ни дека Renault имаше електрична верзија на Twingo кој беше полузаеднички производ со Mercedes. А токму неговата идна генерација која веќе е најавена била камен на сопнување. Германците добиле впечаток дека нивниот автомобил би бил само верзија на Twingo која би се произведувала во погоните на Renault, што не им се допаднало.
Ако ни дозволите да шпекулираме вистинската причина сепак лежи во различниот бизнис-менталитет на двете страни, кој првиот човек на Renault Лука де Мео многу добро го познава бидејќи со години работеше за германската групација. Тој е поборник на идејата за паневропски електрични автомобили настанати за одбрана од кинеската конкуренција со заедничка соработка на повеќе компании, додека пак Германците традиционално се ослонуваат главно на сопствените можности.
Како и да е, времето во неповрат тече а со него и пропуштените можности. Но со оглед на ваквиот развој на настаните за краток период треба да очекуваме нови возбудливи вести за пристапната електромобилност, како од Renault така и од Volkswagen.


