Познат по големите зафатнини, Triumph изненадува со два нови модели во класата од 400 ццм.
Со ознаките Speed и Scrambler, Triumph лансира два нови модели. Естетскиот отисок е типичен за куќата додавајќи посебни зачини според намената на двата новитети. Заедно со нив претставен е потполно нов едноцилиндричен мотор од 398 ццм со моќност од 40 КС и максимален вртежен момент од 38 њутн метри.
Triumph Speed 400 и Scrambler 400 X имаат вилушки од 43 mm, целосно LED осветлување вклучувајќи дневни светла, USB приклучок за полнење и контрола на тракцијата што може да се исклучи. Брзиномерот работи аналогно, но остатокот од информациите се прикажуваат на LCD дисплеј.
Scrambler во однос на моделот Speed има повисока седечка положба и поголемо предно тркало од 19 инчи како и подолго меѓуоскино растојание. Кај него ABS-от може да се деактивира за возење надвор од патот. Се карактеризира и со двојна издувна цевка и адекватни пневматици.
Двата нови модели најпрво ќе бидат претставени во Индија следниот месец, а ќе бидат достапни и во Европа на крајот на годината. Реално е да го очекуваме на македонскиот пазар за отворање на мотоцилкистичката сезона 2024. Цените се уште не се соопштени. Од таборот на Triumph се најавува дека Speed и Scrambler ќе имаат „непобедлив сооднос цена-перформанси“.

Погледнете како Triumph – Speed & ScramblerX изгледаат во возење на видеото објавено од производителот…


