Неочекуваната ѕвезда на салонот во Шангај
Под девизата секогаш има место за подобрување, BMW го засили електричниот i7 за кој со неговите 544 KS никако не можеше да се каже дека му недостига сила
Најновиот дериват на i7 кој слободно можеме да го наречеме суперседмица под ознаката M70 xDrive крие 660 KS и дури 1.100 Nm вртежен момент остварлив во M-Sport режимот на возење. Тие ќе ја забрзаат до 100 km/h за само 3,7 секунди, што е за неверојатни 1,2 секунди побрзо од досега најсилната варијанта i7 xDrive60. Со максималните 250 km/h, новиот електричен знаменосец на баварската марка станува достоен заменик на сé што досега важеше за најдобро од BMW а беше задвижувано од бензин. Да потсетиме, ова ограничување на брзината џентлменски договорено меѓу германските производители за прв пат беше применето пред 35 години кај 12-цилиндричниот BMW 750i.

Новата варијанта на i7 е M-Performance модел и со самото тоа има нешто поспортско подесување на ослонувањето иако останува автомобил комфорен за долги релации. Сепак заради истиот пакет батерии од 101,7 kWh некои ќе кажат дека не е баш тоа, бидејќи има автономија од фабрички декларирани 488 до 560 километри. Но затоа стилските елементи специфични за М-производите му обезбедуваат спортски изглед кој дополнително може да се изостри со опционалниот M-Performance Professional пакет. Цената сé уште не му е одредена, ама сигурно ќе биде осетно диференцирана од онаа на i7 xDrive 60 кој чини 139.900 евра. Глобалното лансирање е предвидено за втората половина од годината.



