Еден век детелинка со четири листа!
Симболот на зелената четирилисна детелина “Quadrifoglio” за прв пат се појави на денешен ден, на 15 април 1923 година…
Уго Сивочи имаше многу пехови во својата кариера како возач на Alfa Romeo. Тој одлучи на својот тркачки автомобил да ја стави детелинката со четири листа како заштитен знак и започна да победува.
Од тогаш, тркачките автомобили на „миланскиот шармер“ го носат тоа лого на каросеријата, а од 1963 година накитени се најмоќните моделски верзии на сериските возила.
На денешен ден Alfa Romeo ја прославува 100-годишнината од Quadrifoglio со ограничено, специјално издание на моделите Giulia и Stelvio и го прославува сто годишнината на овој симбол со благо модернизирање.
Alfa Romeo Giulia „100° Anniversario“ и Stelvio Quadrifoglio „100° Anniversario“ се придвижувани од 2,9-литарскиот V6 би-турбо бензинец, чија моќност е зголемена на вртоглави 520 КС.
Бидејќи се работи за стогидишнина, секој од овие два модели ќе биде произведен само во сто примероци и ќе биде вистинска посластица за колекционерите. Бидејќи се работи за Италијанци, разбирливо е што ограничената серија е понудена во три бои.
Rosso Etna, Verde Montreal и Nero Vulcano се колоритите што ќе ги красат заводливите каросерии. Секако дека има многу ситни детали што ќе ја стоплат душата на секој што ќе ги види, а за оваа прилика дотеран е задниот само блокирачки диференцијал и дополнителниот електронски надгледуван режим на возење Racing.
Карбонските детали се вклучени во амбиентот, а секако ќе биде и високата цена која ќе соодејствува со големиот јубилеј.
Таа ќе се знае во средината на мај кога ќе се отворат нарачките. Искрено се надеваме дека еден од овие јубилејни примероци ќе ги видиме и во салонот на Alfa Romeo во Скопје.



