Селективна правда или како се штити домашното производство!?
Турција влегува во производство на БЕВ со домашниот бренд Togg, па давачките кон државата за увоз на вакви возила од Кина се зголемија за 40 отсто
Владата на Турција ќе воведе дополнителни 40 отсто царина за електричните возила произведени во Кина. Минатата година пазарот на БЕВ во Турција тројно се зголеми и забележана е регистрација на 7.733 такви возила. Ова делумно се должи на пониските даночни стапки за електричните автомобили во однос на автомобилите со мотори со согорување.
Статистиката покажа дека лани БЕВ сега сочинуваат над еден процент од пазарот на патнички автомобили во Турција. Оваа одлука дојде веднаш со објавувањето на соработката на турскиот дистрибутер на возила ALJ Turkiye за застапување на кинескиот BYD, втор по големина производител на БЕВ во светот! Како што е познато, ALJ Turkiye ќе продава на турскиот пазар патнички и лесни комерцијални возила од кинескиот гигант.
Но оваа одлука не се однесува само на возилата произведени од BYD, туку за сите електрични возила што се произведуваат во Кина, вклучувајќи ги и оние на Polestar, BMW, Mercedes и останатите. Турската влада се надева дека зголемувањето на давачките на електричните возила од кинеско производство ќе поттикне повеќе локални жители да ги купат домашно произведените електрични возила на Togg.


