Германија бара ревизија – ЕУ да ја модифицира забраната на „цилиндрите“

Водородот и синтетичките горива влегуваат во игра!?

Германија преку министерот за транспорт побара забраната за продажба на мотори со внатрешно согорување во ЕУ да се ревидира

Не помина многу време од изгласувањето на забраната за продажба на возила со мотори на внатрешно согорување од 2035 година од страна на европскиот парламент, веќе пристигнуваат официјални барања за ревидирање на одлуката.

На состанокот на министрите за транспорт на земјите членки на ЕУ што се одржа во Стокхолм, германскиот  државен секретар за транспорт, Михаел Тojрер, побара ЕУ да предложи правила кои дозволуваат автомобилите со мотори со согорување, кои работат на горива со неутрален CO2, да се продаваат во Европа по 2035 година.

Неодамна изгласаниот закон предвидува потполно укинување на продажбата на возилата со мотори со согорување и предвидува сите нови автомобили да имаат нула емисии, односно да бидат возила на струја. Според „историскиот закон“, се бара до 2035 година производителите на автомобили да постигнат 100 отсто намалување на емисиите на CO2 со ново продадените автомобили.

Иако законот помина со мало мнозинство сé погласни се размислувањата дека е невозможно да се прекине продаважбата на нови возила на фосилни горива во блокот од 27 земји членки на ЕУ. Законот има за цел да го забрза преминот на Европа кон електрични возила за борба против климатските промени.

Но, Германија бара простор за опстанок на моторите со согорување кои работат на горива произведени со електрична енергија или е-горива. Министерот Тoјрер рече дека: „Комисијата треба да излезе со предлог како може да се користат е-горивата или како може да се продаваат мотори со согорување што работат со климатски неутрални горива“. Во неговиот говор Тојрер рече дека Германија е убедена дека електричните возила со батерии се „патот што треба да се оди“, но сака да види дека се поддржуваат и други технологии без емисија на CO2.

„Потребна ни е технологија на водород и водородни горивни ќелии, а исто така и е-горива, особено за тешките возила, во транспортот со камиони“. Е-горивата, или синтетичките горива, се прават со употреба на заробени емисии на CO2, што дава баланс на масата на јагледор-диоксид што се испушта во атмосферата кога горивото се согорува, па целокупниот процес е CO2 неутрален.

Тоа ќе овозможи да се развиваат модифицирани верзии и моторите со согорување да продолжат да се користат. Германија е дом на гигантите за производство на автомобили кои ја следат одлуката за електричните возила.

BMW и порано предупредуваше да не се одредуваат датуми за забрана на продажба на автомобили базирани на фосилни горива. Воедно, BMW и Mercedes длабоко се навлезени во технологиите и развојот на употребата на водородот кај класичните мотори, Porsche, дел од групацијата VW, веќе има свои инсталации за производство на синтетички горива додека Opel е еден од светските генератори на технологијата на водордни горивни ќелии.

Законот на ЕУ кој го содржи рокот до 2035 година има клаузула дека Европската комисија треба да даде предлог за тоа како возилата што работат на горива со неутрален CO2 може да се продаваат по 2035 година, доколку тоа е во согласност со климатските цели. Комесарот за транспорт на ЕУ, Адина Валеан, рече дека многумина во транспортниот сектор ја делат загриженоста на Германија, но нејзината изјава дека дискусијата не е затворена, иако се гласаше, остава отворена врата за алтернативните решенија.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER