Mercedes – EQS SUV

Модуларната архитектура на дело!

Третиот модел заснован на новата модуларна архитектура за електрични возила од премиум класата возила, всушност е „надградба“ на луксузната електрична лимузина EQS. Наставката SUV јасно ја дефинира препознатливиот изглед комбинирајќи го прогресивниот дизајн и удобност на салонот EQS со просторот и разновидноста на популарниот концепт на спортско-корисно возило. Тој го дели меѓуоскиното растојание од 3.210 милиметри со лимузината, но е над 20 сантиметри повисок. Со вакви димензии (5.125х1.959х1.718 милиметри) внатрешноста доби просторност да се сместат седум патници обвиткани со луксуз и висока технологија.  Со интелигентен софтвер, MBUX целосно се прилагодува на своите корисници и им дава персонализирани предлози за бројни функции за инфозабава, удобност и возење. Крешендо во внатрешноста е MBUX Hyperscreen кој се протега речиси по целата широчина на предниот панел. Хипер екранот обединува три екрани под заедничко застаклување и можен различен приказ за возачот и сопатникот. Влезната EQS 450+ располага со 256 kW кои се пренесуваат на задната оска. Следното ниво 4MATIC го внесува погонот на сите тркала во игра со идентична понуда на сила, но зголемен вртежен момент. Врвниот 580 4MATIC испорачува 400 kW и најавена потрошувачка од 20 kW/100 км. Во моделите со погон на сите тркала функцијата Torque Shift обезбедува интелигентна, континуирано променлива дистрибуција на погонскиот вртежен момент помеѓу задните и предните електромотори. Предностите на овој дизајн вклучуваат висока густина на моќност и ефикасност. Така максимално се искористува батеријата од 100 киловат часови која обезбедува, во зависност од изведбата, автономија од 500 до 600 километри. Предноста е што на брз полнач во рок од 15 минути може да акумулира струја доволна за следни 200 километри. Како дополнителен аргумент е Mercedes me Charge5, една од најголемите мрежи за полнење ширум светот со моментално над 700.000 точки за полнење со наизменична и еднонасочна струја, вклучувајќи околу 300.000 во Европа. Воздушната суспензија AIRMATIC со постојано прилагодливо амортизирање ADS+ е стандардна опрема со што нивото на возилото може да се подигне за неколку сантиметри. Покрај режимите DYNAMIC SELECT ECO, COMFORT, SPORT и INDIVIDUAL, верзиите 4MATIC имаат OFFROAD, дополнителен режим за возење надвор од патот. Понатаму, стандардно е управувањето со задната оска со агол на управување до 4,5 степени кое обезбедува лесно маневрирање во градско возење и агилност на пат. Во тоа ќе можат да се уверат првите купувачи кои ќе ги добијат своите примероци во „втората половина на годинава“. Цената сé уште  е непозната ама јасно е дека ќе биде над 120.000 евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER