Само како хибрид
објавено на 19 февруари 2022
Новата генерација на американскиот теренец е подготвена за настап на европскиот пазар, но во доста скромна палета. Jeep Grand Cherokee всушност ќе се нуди само во една единствена изведба – со кратко меѓуоскино растојание и плаг-ин хибриден мотор. Оваа одлука на Американците е сосема разбирлива бидејќи повеќе ниту на домашниот пазар тој не се нуди со дизел мотор. Така теренецот долг 4,9 метри со пет седишта ќе располага со дволитарски бензинец со 274 коњски сили со директно вбризгување на горивото и двонасочен турбо компресор. Електрификацијата е изведена со стартер-генератор задвижуван со каиш и електромотор, а целиот погонски систем располага со 380 коњски сили. Батериите со капацитет од 17 киловат-часа работат на 400 волти и овозможуваат поминување 51 километар во бесшумен електричен режим.
Преносот е на сите четири тркала преку осумстепен автоматски менувач, редуктор и блокирачки заден диференцијал. Теренските способности ги подобруваат воздушното ослонување и петте режими на возење, меѓу кои три наменети за подлога која не е асфалтна. Опременоста е раскошна дури и за европските сфаќања, а таква ќе биде и цената која не е обелоденета. Продажбата ќе стартува од април.



