Властите дозволија, на ред се банкарите
објавено на 15 февруари 2022
Раководството на BMW донесе одлука да издвои 3,7 милијарди евра за да се стекне со мнозински пакет акции во заедничката компанија што во Кина ја има со Brilliance. Со ова ќе се остварат намерите на германскиот производител да има поголемо влијание над работењето во бизнисот основан во 2003 година. Според BMW парите потрошени за зголемување на учеството од сегашните 50 на 75 отсто повеќекратно ќе се вратат. Нивните финансиски пресметки велат дека треба да очекуваат еднократен позитивен ефект од седум до осум милијарди евра и зголемување на паричниот протокот за некои пет милијарди евра. Најава на овој чекор стигна од Минхен уште во 2018 година, непосредно после објавата на кинеските власти дека ќе овозможат странските корпорации да имаат поголемо учество во домашните автомобилски компании. BMW очекува да продолжи растот на неговата продажба кој лани во Кина изнесуваше девет отсто. Беа пласирани скоро 850 илјади возила, од кои околу 700 илјади локално произведени. Една од двете нивни фабрики во моментов се проширува, а се разгледува потребата за изградба и на трета. Договорот што BMW го има со Brilliance е со важност до 2040 година.



