Спортски емоции и елеганција
Објавено на 1 февруари 2022 година
Škoda тукушто тргна по нов пат кон својата иднина. Него го трасираше електричниот Enyaq, чија купе изведба е нешто сосема поинакво кај чешката марка. И таа е базирана на истата платформа но има различен карактер. Веднаш се забележува флуидната силуета која на Enyaq Coupe му дава доста динамични и атрактивни линии. Задниот спуштен дел и другиот агол на третиот столб прават да изгледа како капка вода, укажувајќи на одличната аеродинамика со коефициент на отпор на воздухот од 0,234. Целиот покрив е стаклен и визуелно се претопува во задното ветробранско стакло кое завршува со дискретен спојлер. Дизајнерите на Škoda се потрудиле и на задната врата да ѝ дадат малку поинаков стил правејќи целиот автомобил да биде една складна целина. Од неа малку отстапува предниот дел кој во однос на стандардниот Enyaq се разликува во неколку детали. Тоа посебно е нагласено кај RS моделот, прв електричен на Škoda, чиј агресивен изглед е дополнет со за 15 милиметри спуштеното подвозје и со маската осветлена со 131 LED сијаличка. Ќе ги предизвикува купувачите со двата електромотора чии 299 коњски сили ќе се пренесуваат на сите четири тркала забрзувајќи ги до 100 километри на час за 6,5 секунди.

Неговите батериите од 82 киловат-часа ќе се среќаваат и кај Enyaq 80, достапен во две верзии. Помоќната има два електромотора со 265 коњски сили и погон на двете оски додека поекономичната располага со 204 коњски сили кои ги задвижуваат само задните тркала. Засега Škoda само за неа ја има објавено автономијата која изнесува 545 километри со едно полнење на батериите, што е за 15 повеќе отколку обичниот Enyaq со иста конфигурација. Понудата е заокружена со основната изведба со 179 коњски сили и батерии од 62 киловат-часа. Чесите и покрај спуштениот покрив велат дека во внатрешноста на Enyaq Coupe има доволно простор, за што како доказ ја наведуваат скоро истата зафатнина на багажникот од 570 литри. Исти треба да бидат и содржините, можеби малку поинаку распределени низ пакетите опрема кои заедно со цените ќе ги дознаеме дополнително.





































