Пристига и плаг-ин верзијата
објавено на 29 октомври 2021
Осум месеци по смената на моделот, Mitsubishi конечно ја подготви и PHEV верзијата на Outlander. Но само за покажување – Јапонците уште не ги соопштија сите детали. Засега е познато дека хибридниот плаг-ин систем е од нова генерација со два електромотора со моќност зголемена за околу 40 отсто. Батериите од 20 kWh обезбедуваат електрична автономија до 87 km, а тука е и Super-All Wheel Control погонот на сите четири тркала. Од непознати причини зголемен е и резервоарот за гориво. Не се објавени ни податоците за моторот со внатрешно согорување, но се претпоставува дека во прашање е истиот 2,4 литарски бензинец како и кај претходникот.
Треба да потсетиме дека новиот Outlander е базиран на платформата на Nissan Rogue, а изгледот му е инспириран од Engelberg Tourer концептот кој јапонската марка го претстави на последно одржаниот салон во Женева. Во однос на димензиите е за 5 сантиметри поширок и има меѓуоскино растојание зголемено за 4 сантиметри, што само со себе дава повеќе место во кабината. Во неа стандардно има три реда седишта, а покрај дигиталните инструменти дел од опремата се 11-те воздушни перници, адаптивниот темпомат, колор Head-Up дисплејот, Bose аудио системот со 10 звучници и друго.
Продажбата на новиот Outlander PHEV во Јапонија ќе стартува во декември, а во САД во втората половина на идната година. Европа никој не ја споменува, но не е докрај исклучено да се појави и тука.



