1,6 милиони евра субвенциите пламнаа за помалку од 5 часа
Голема глад на хрватскиот пазар за еко-возила или големи местенки – што е посреди?!
Објавено на 5 јуни 2018 година
Фрапантно – тоа е единствениот збор кој во две различни конотации може да се употреби за фактот дека субвенциите за еко-возила во Хрватска во висина од 1,6 милиони евра се потрошија за помалку од 5 часа. Поточно, за 4 часа и 54 минути, како што официјално извести хрватскиот фонд за заштита на околината и енергетска ефикасност. Првично, јавниот повик за субвенции за еко-возила беше објавен на 25 април во 10 часот, но веќе утредента во 15 часот беше повлечен откако пристигнаа повеќе од илјада апликации. Но после нивната обработка е објавено дека расположливите 12 милиони куни ќе бидат распределени само на оние кои поднеле барање на 25 април меѓу 10 часот и 14 часот и 54 минути. Според законот, субвенциите се доделуваат до искористувањето на расположливите средства или до истекот на календарската година. Согласно наведеното, парите беа потрошени за експресно кратко време на најбрзите купувачи за 133 електрични возила, 1 plug-in автомобил, 22 електрични велосипеди и 56 електрични мотоцикли. Тие можат да ги искористат доделените средства во наредните шест месеци, при што процедурата налага прво да се набави возилото и да се достави потврда дека истото во целост е платено, заедно со копија од сообраќајната дозвола. Дури потоа во рок од 30 дена субвенционираната сума треба да легне на сметките на оние на кои им е доделена – по 40% од вредноста на електричниот автомобил но најмногу до 10.800 евра, zа plug-in хибридите половина од таа сума, за електрични скутери, мотоцикли и квадрицикли до 2.700 евра и за електрични велосипеди до 675 евра.
Додека за едни (пре)краткото време за кое субвенциите пламнаа е фрапантен факт за големата глад на пазарот за еко-возила, за други тоа е исто така фрапантен доказ за големи местенки, бидејќи со оглед на доста сложените обрасци за потполнување и обемната документација што требаше да се собере, наравоучението е дека сите кои од било која причина задоцнија повеќе среќа идниот пат, но под услов да имаат навремен пристап во вистинските информации. Во Хрватска во моментов се регистрирани вкупно 277 електрични автомобили.