тест McLaren 720S » Секој како Сена

Секој како Сена

McLaren не мора да освојува шампионати во формула 1 за да знае како да направи еден од најдобрите, ако не и најдобар суперспортски автомобил на денешницата

објавено на 7 април 2020 година
тест-екипа на ревијата САТ Плус

На страна тоа што секој во нашата редакција навива за различни тимови од формула 1, па оттаму ретко кој за McLaren, но тоа не значи дека не сме посебно врзани за нивните друмски ѕверки кои на секои три-четири години ќе се изборат за титулата „најбрзото што досега сме го возеле“. Нашата врска со автомобилите на McLaren и фасцинираност со нив не би требало никого да чудат. Своевремено MP4-12C беше најбрзиот автомобил што го тестиравме на патеката на центарот НАВАК. Пар години подоцна на патеката на нашите колеги од италијанскиот Quattroruote го возевме McLaren 675LT, кој просто ја оддува конкуренција во вид на тогаш најбрзите модели на Porsche, Ferrari и останатите ривали на последниот споредбен тест од клубот 3 секунди организиран со суперавтомобили. И тогаш рековме дека тоа е најбрзото што било кога сме возеле. Сега гостин на патеката ни беше моделот 720S, кој без било каква мака се избори за нејзиниот рекорд за автомобилите кои не се тркачки. И така повторно некој McLaren стана најбрзото што сме го возеле.

(Не)дозволени трикови

Но, зошто велиме дека на McLaren не му треба титула во F1 за да знае да конструира побрз автомобил од било што друго кое досега ни имаат претставено Mercedes и Ferrari, кои се му во тој шампионат ривали? Затоа што во формула 1 има многу што кое со спортските правила е забрането, но тоа не значи дека не може да биде применето во патниот сектор. А сé што не смее во F1 болидот, McLaren вгради во својот автомобил. Да кажеме, своевремено F1 тимовите (читај: Ferrari) се побунија зошто McLaren има систем кој во острите свиоци ги кочи внатрешните тркала за болидот подобро и побрзо ги совладува. За тоа беше задолжен самиот возач, кој имаше две педали за кочење место една, па овој систем на Мика Хакинен и Дејвид Култард им даваше предност на кривулести патеки – сé додека заради протестирањето на Ferrari не беше забранет. Иако од тогаш поминаа многу години и такво нешто веќе не смее да се користи во F1, McLaren се сети на тие стари трикови и ги вгради во своите автомобили. Денес, за користењето максимално да се олесни, во тоа помага електрониката.

Но тие сопирачки се скоро 20 година стар трик. Колку има нови решенија? Одговор на тоа прашање покажува веќе самиот дизајн на автомобилот, со бројни отвори, канали и тунели наменети за насочување на струењето на воздухот. Благодарејќи на богатото искуство на полето на аеродинамиката кое McLaren го научи во формула 1, 720S е неизмерно брз во свиоци иако има релативно мал заден спојлер. А и тој се извлекува само при кочење, што значи дека примарната задача му е да помага како дополнителна воздушна сопирачка. Со други зборење, за брзо поминување низ долги свиоци не е неопходно спојлерот да се подигне на максимално ниво, што само покажува колку е неговата аеродинамика одлична и дека секој тунел за воздух има своја конкретна задача и не е тука за „шминка“.

Седиштата се од еден дел, токму како што доликува на автомобил кој е на само еден мал чекор од суров тркач. Можно е да се нарачаат три големини на седишта и тоа се единствените подесувања

Уште една сличност со F1 е и во тоа што возачот и совозачот седат во „кафез“ кој е изработен од јагленородни влакна. Практично станува збор за тркачки кокпит на формула 1, ама за двајца. Денес е незамисливо еден суперспортски автомобил да не користи јагленородни влакна, но ни сега не е кај сите производители правило целата кабина, односно ќелијата на возилото, практично да е еден кафез од карбон. Такво нешто применуваат само оние кои тоа го умеат. Постојат две причини зошто McLaren се определи токму од карбон да ја изработи ќелијата за возачот и совозачот. Првата е тоа што така централниот дел од возилото е многу поцврст, но и полесен. Да кажеме, тој има тежина која само малку надминува 70 kg, а да е изработен од челик би бил тежок околу 400 kg.

Автоматскиот менувач со двојна спојка и седум степени на пренос нема никакви проблеми со големата сила и дава огромен придонес на сјајните перформанси

Овој нов „монокок“ е поинаков од првиот што го запознавме со MP4-12C и овозможува вкупната тежина на моделот 720S да биде само 1.283 kg. Колку во McLaren биле опседнати со диетата се гледа и во тоа што електричниот систем во однос на првиот нивни модел што го возевме сега е полесен за три килограми, а системот за сопирање за уште два. Со уште понекоја заштеда таму-ваму, постигната е најниска тежина во однос на било кој директен ривал и одличен однос на тежината и силата – 561 KS по тон. Втората причина за обилното користење на карбонот е тоа што никој во светот нема побогато искуство со овој материјал од McLaren. Всушност овој тим прв претстави F1 болид чиј кокпит е направен од јагленородни влакна, и тоа уште 1981 година.

Иако вратите се отвораат нанагоре, влегувањето во доста ниското возило сепак не е ни лесно ни достоинствено. Отворот што вратата го овозможува и понатаму е мал, а прагот на кокпитот висок. Меѓутоа, ова не е семејно возило, па тоа никако не можеме да му го замериме. Дури не му го замеруваме ни тоа што во ентериерот скоро да нема ништо. Не буквално, ама опремата е исклучително сиромашна. Значи, иако не е суров тркачки модел, 720S покажува дека е направен само за уживање на патека. Внатре не сме да биде ништо што би го свртувало вниманието на возачот од она најважното – постигнување на своето најбрзо време.

Ни ги чита мислите

Се повторуваме, знаеме, ама пак мора да истакнеме дека ништо на полето на прецизноста во свиоците не може да се мери со моделите на McLaren. Од една крајна положба до друга, на управувачот му требаат 2,5 свртувања, што не е спектакуларно малку (такво нешто нудат и некои возила на Mini). Но прецизноста на управувачот и управувањето со кое McLaren се гордее во тие 2,5 свртувања едноставно е магична. Уште кога е потребно тоа да се примени на патека што добро ја познаваме, ни делуваше како ние ништо да не работиме, туку како самиот 720S да ни ги чита мислите и да е „однапред послушен“. Таа леснотија на возење е толку импресивна што потполно симнавме од ум дека ова возило е и исклучително силно. Има моќен V8 мотор со 720 KS, што веќе и со своето име го открива, ама тоа некако го земавме „здраво за готово“, бидејќи сето време на возење себе си со тешка мака се уверувавме дека не сонуваме, туку дека овој McLaren е толку лесен и послушен. И таа послушност во голем дел е последица на примената на системите кои се забранувани во формула 1. На пример, 720S има активна хидраулична контрола на секое тркало поединечно. Благодарејќи на неа, каросеријата останува секогаш мирна и скоро воопшто не се лула.

Дополнителна причина да бидеме импресионирани со послушноста на McLaren 720S е тоа што тој своите особини ги покажуваше во тек на тест возен по студено време, така што пневматиците никако не можеа да се загреат на идеална температура. Не можеме ни да замислиме како би летале по патеката да ни дојдеше под раце налето, со температура на асфалтот од барем 30 степени.

Може и за секој ден

McLaren 720S импресионира и со тоа што лесно може да се вози и надвор од патека, во обичен сообраќај. Во цивилизираниот режим на работа Comfort кроток е и мирен „како јагне“. Додуша, не може да го сокрие својот суперспортски карактер бидејќи се седи исклучително ниско, а моторот и тогаш е бучен – McLaren баш и не се потруди околу звучната изолација. Ако се избере режимот за возење на патека, дури и табла со инструменти пред возачот исчезнува и ја заменува голем дисплеј кој со „трчечки светла“ потсетува кога е време за повисок степен на пренос. Тогаш информациите намерно се сведени на минимум за сето внимание на возачот биде насочено на патеката.

Возачот ги одредува нивото на дрифтање и забава пред електрониката да каже „е, сега е доста“

Своевремено единствена мана на првиот автомобил на McLaren во поновата историја, моделот MP4-12C, беше тоа дека е превише послушен, дури и здодевен, па не дозволува играње со задниот дел, односно дрифтање. Од McLaren, како прва реакција на таа критика, стигнаа шок и неверување, бидејќи јавно се прашаа „кој сака да дрифта, кога така побавно се излегува на правец и само се губи време“. Ваквиот одговор е логичен за компанија за која брзината не е игра туку професија и која со децении е посветена на постигнување најбрзи кругови, па за нив секое занесување на задниот дел е чист губиток на време. Сепак, сфатија дека „купувачот секогаш е во право“, па сега нудат систем кој се вика Variable Drift Control. Накратко, возачот може да избере точен агол колку автомобилот смее да се закоси во однос на патеката пред да се активира ESP системот. Со други зборови, сега McLaren нуди безбеден начин на занесување.

Логично, најдоброто од себе McLaren 720S го покажува на затворена патека и кога се избере Track режимот на работа. Ако баш бараме „влакно во јајцето“, ќе го пронајдеме во делчето неодлучност која моторот ја покажува при ниски вртежи. Меѓутоа, неверојатно силно влече на средни вртежи и така продолжува сé додека не надмине 8.000. Сета таа здивеност на V8 моторот дополнително ја истакнува одличниот седумстепен менувач со двојна спојка. Вредностите што ги забележавме при мерењето на забрзувањата се импресивни, како и неговата максимална брзина, која скоро го достигнува она што на кривулести патеки може да постигне и F1 болидот на McLaren. На тема потрошувачка на гориво кај вакви автомобили најлесно е да се каже дека ќе „потрошат сé што ќе се сипа во нив“. Значи, не може да биде мала. Сепак, ако се вози полека, можно е да се постигнат 13 l/100 km. Секако, тоа при возење на патека ќе биде и двојно повеќе. Тоа не овозможува богзнае каква автономија со едно полнење на резервоарот од 72 литри, така што честите посети „на боксот“ се задолжителни.

На крај, со овој автомобил секој може да лета на патека – како Сена. Тројниот шампион на формула 1, легендарниот Бразилец, сите свои титули ги освои со McLaren и тие две имиња се нераскинливо поврзани. Затоа и возењето на моделот 720S и е магично, бидејќи секој возач станува дел од магијата која ја чинат Сена и McLaren.

основни податоци McLaren 720S
мотор: V8, турбо, 4 вентили по цилиндар, 3.944 cm³, 720 KS при 7.500 min⁻¹, 770 Nm при 5.000-6.500 min⁻¹
трансмисија: автоматски менувач со двојна спојка, 7 степени, погон на задните тркала, пневматици со димензии напред 245/35R19 93Y, назад 305/30R20 103Y
каросерија: купе со 2 врати, 2 седишта, 4.543×1.930×1.196 mm, меѓуоскино растојание 2.670 mm, тежина 1.283 kg, багажник: 150+210 dm³, резервоар 72 литри
перформанси: максимална брзина 341 km/h, забрзување 0-100 km/h за 2,9 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 7,9/15,8/10,7 l/100 km, емисија на CO₂ 249 g/km
цена: 208.600 фунти во Велика Британија

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER