Возевме – Volvo XC90 T8 Recharge AWD

Во инает на влегувањето во својата деветта година, XC90 останува луксузен теренец со маркантен изглед и одлични перформанси.

Времето тече за XC90, но тој сепак е врвен избор благодарение на најновите ажурирања. Сега има поголема батерија и подобрен инфозабавен систем. Неговиот наследник е веќе претставениот потполно електричен ЕХ90, но верзијата со приклучен хибрид му овозможи грациознo стареење во неговата втора генерација.

Грандиозната појава го издвојува од германските премиум ривали потенцирајќи ја едноставноста и ефективноста на шведскиот дизајн. Во неколку збора, ХС90 е убав, простран и удобен теренец. Најновата верзија T8, дава  нови атрибути. Првично зголемен е капацитетот на батеријата која сега располага со 18,8 kWh.

Теоретски тоа овозможува официјална автономија на електричен погон 55 километри, што импресивно звучи. Тест возилото во опременост Plus Dark не остава простор за забелешки ниту на најпробирливите. Со силен акцент на активните асистенти на возачот и конективните технологии фокусот е во престојот во кабината и олеснетата употреба.

Таквите атрибути го прават актуелен и конкурентен иако во изгледот се направени минорни промени. Впрочем, ориентираноста на швеѓаните секогаш била во функционалноста, а не во чаламот. Монументалната појава ја разбиваат светлосните групи. Фаровите во форма на „чеканот на Тор“ се препознатлив елемент на Volvo. Од нив се развлекува долгата хауба и огромната каросерија гостољубива за седум патници. Целата форма е врамена со задните светла кои ја гушкаат големата силуета. Како што нагласува нивот на опременост Dark, низ целата каросерија вметнати се црно обоени елемнти, како врамувањето на маската на ладилникот, рамките на прозорците, кои исто така се затемнети, лајсните на вратите, ретровизорите, покривните носачи и 20 инчните тркала.

Констатацијата за надворешниот дизајн се повторува и во кабината. Неа ја краси едноставен, но модерен внатрешен дизајн кој е надополнет со богат избор на материјали. Убавите седишта и обилниот простор го прават Volvo одлично место за престој и патување.

Воланот е едноставен и накитен е со функциски копчиња. Во кабината доминира централниот, вертикално поставен, дисплеј од девет инчи преку кого се командуваат сите опции на возилото. Седењето е удобно а во овие жешки денови до израз дојдоа вентилираните предни седишта.

Во целата прагматично уредена околина внимание привлече палката на менувачот. Написот Orrefors открива дека е дело на шведскиот специјалист за кристал формиран во 1898 година. Простор во кабината има во изобилие.

Ми се допаѓа високото ниво на прецизност во составувањето и употребените материјали во интериерот. Меката пластика, облогата на седиштата, па дури и површините кои се скриени од погледот се бескомпромисни. Ова е редок пример во сегментот.

По вокација ХС90 е седум сед. По потреба, дополнителните две седишта се извлекуваат од подот на багажникот. Искрен да бидам не ја гледам нивната функционалност бидејќи на нив може да се сместат само деца, а и со нивното подигање останува занемарлив простор во багажникот. Тоа е единствената нефункционална и одвишна работа аплицирана во ХС90.

И покрај неговата големина, Volvo XC90 T8 е релативно лесен за возење низ градот. Високата возачка позиција и големите прозорци нудат добра видливост, а мртвите точки предизвикани од столбовите на вратите се помалку изразени отколку кај некои подеднакво големи теренци. Управувањето е лесно и маневрирањето со пет метри големата каросерија е едноставно. Тука од голема помош е камерата со приказ од 360 степени. Тоа овозможува да не се грижите дека ќе можете да се „почешате“ во тесни места. Дополнително олеснување пружа системот за помош при паркирање кој преку графички испис автоматски ве насочува во саканите параметри.

Во градски услови на возење до израз доаѓа експлозивноста на електричниот погон. Без никакви проблеми електро моторот силен 107 kW ја движи 2,4 тони тешката каросерија, но декларираната автономија од неполни 60 километри тешко се постигнува. Придобивка е тивкото крстарење и движењето без загадување.

Доминантноста се покажува и на отворен пат. Кога ќе се истроши батеријата на сцена стапува четири цилиндерскиот турбо-бензински мотор со надполнење кој испорачува 310 коњи. По потреба се вклучува и електро моторот па системски ви се на располагање 440 коњи. Затоа не треба да зачуди забрзувањето од стоечка позиција до стотка за 4,5 секунди. Секогаш кога е потребно на располагање ви е доволно сила, а при претекнувања, забрзувањето е како да ве исфрлиле од катапулт.

Однесувањето на пат е повеќе од солидно. Соработката на осум степениот автоматски менувач и хибридниот погон е свиленикава. Преносите лесно и без цимање се менуваат а мене ми недостасуваа лопатките за мануелно менување на преностите што допринесува на намалувањето на возачките страсти.

Максималната брзина, и покрај тоа што има толку многу сила, електронски е ограничена на 180 км/ч. Токлу многу коњи за такво ограничување?! Тоа швеѓаните го оправдуваат поради безбедноста. Експлозивноста е битна во многу ситуации, но брзината е еден од најголемите непријатели на безбедноста.

Еден од императивите на Volvo е да нема загинати и тешко повредени корисници во нивните возила. Ова е еден од превземените чекори. Би ми требало многу време доколку би ги навел сите активни и пасивни системи посветени на безбедноста. За нивното присуство возачот е свесен. Тие му даваат слобода да ужива во возењето и безгрижно да поминува многу километри.

На овој впечаток се надополнува пневматското потпирање кое пружа извонредна интеракција со убодноста. Сепак, ХС90 не е совршен теренец. Тој е доволно компетентен да се движи по свиоци. Има разумно количество на толеранција при динамични маневри но, поради неговата голема тежина, габаритна каросерија и моќноста, често се појавува подуправување.

Сепак во свиоците, XC90 T8 има доволно држење и не се наведнува претерано, дури и низ тесни свиоци. Ова не е спортски автомобил, но хибридниот модел T8 е изненадувачки брз и многу позабавен на празен пат. Меѓутоа, XC90 никогаш не се занимавал со спортско возење. Тој е скроен за префинето патување.

При поголеми брзини изворите на бучава се сведени на минимум. Плус, при мазно возење, премините помеѓу изворите на енергија се многу посуптилни. Во мојата маршрута поминував низ брдски предели. При симнувањето ја користев опцијата за полнење на батеријата која го користи моторот на согорување но и рекуперира голем дел од енергијата што се јавува при сопирање.

Во делниците како спуштањето од преминот Стража и Плетвар успеав да наполнам енергија доволна за изминување пет километри на струја. Потрошувачката се движи во разумни граници. 8,9 литри во просек на изминати 500 километри со еднаш до пола наполнета батерија се сосема задоволителен показател. Се разбира дека економичноста може да биде поголема, но тогаш би морале доста време да поминувате барајќи полначи за батеријата.

XC90 има свои недостатоци како малиот екран на инструмент таблата, немање прекинувачи на воланот за менување на преносите и отсуството на хедап дисплеј. Сепак, во најголем дел, силните страни на овој шведски теренец ги надминуваат неговите слабости. Кај оваа изведба во прв план доаѓа огромната палета на активни безбедносни карактеристики на Volvo.

Тоа значи дека ХС90 сепак е еден од најбезбедните модели достапни на пазарот. Покрај активната контрола на патувањето, автоматското градско сопирање во итни случаи и помошта за задржување лента, тој доаѓа со систем за препознавање на пешаци, велосипедисти и големи животни, а нуди активна асистенција на возачот која може да забрзува, сопира и управува за вас на кратки периоди.

Згора на тоа, ХС90 сè уште изгледа одлично а квалитетот на изработка е на прво место. Volvo XC90 можеби не е најдоброто возило во сегментот. Тука се присутни Porsche Cayenne, BMW X5, Audi Q7 и Mercedes-Benz GLE. Но тој е доволно добар за да гарантира место на вашиот потесен избор за луксузен теренец.Сите овие атрибути носат шест цифрена цена.

До регистрација ХС90 Т8 Recharge Plus Dark чини 108.420 евра. Овој луксузен теренец едноставно е да го поседувате благодарение на лизингот што го овозможува Шпаркасе лизинг. Доволно е учество од 22.300 евра а на 72 рати, месечната отплата изнесува 1.530 евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER