Одложувањето ќе ја усогласи Британија со планот на Европската унија, но ги разлути производителите
Велика Британија ќе ја повлече забраната за производство на возила со мотори на внатрешно согорување. Пред две години беше објавено дека одлуката ќе важи од 2030-та, но сега тој рок е пролонгиран за пет години. Тоа го објави премиерот Риши Сунак, кога го претстави новиот пристап за справување со климатските промени.
„Ќе ја олесниме транзицијата кон електрични возила. Сè уште ќе можете да купувате бензински и дизел автомобили и комбиња до 2035 година. Дури и после тоа, сепак ќе можете да ги купувате и продавате како половни. Засега вие, потрошувачите, треба да бидете тие што го правите изборот, а не владата да ве принудува да го направите тоа“, изјави Сунак. Тој очекува огромното мнозинство возила што се продаваат во Велика Британија да бидат електрични до 2030 година без владина интервенција, поради падот на трошоците.
Одложувањето до 2035-та ќе ја усогласи Британија со планот на Европската унија новите автомобили по 2035 година да бидат со нула емисии, што практично ќе ја забрани продажбата на нови бензински и дизел модели. Производителите на автомобили, кои веќе донесоа клучни одлуки за инвестирање во согласност со целта за 2030 година, ја критикуваа одлуката на Сунак да ја помести целта до 2035 година.
Kia, која има планови да лансира девет електрични модели во Британија во следните неколку години, па нормално што е разочарана од промена во политиката во која индустријата работи и инвестира. Се работи за менување на сложените преговори во синџирот на снабдување и планирањето на производите, а истовремено потенцијално придонесува за конфузија на потрошувачите и индустријата сметаат од Kia. Шефот на Ford во Обединетото Кралство, Лиза Бранкин, рече: „Ова е најголемата трансформација во индустријата во повеќе од еден век и целта на Велика Британија до 2030 година е витален катализатор за забрзување на Ford во почиста иднина“.
Таа смета дека потребно е фокусот на политиката да биде во смер на зајакнување на пазарот на ЕВ на краток рок и поддршка на потрошувачите, инфраструктурата и тарифите за полнење. Ford вложува 50 милијарди долари за електрификација, поддржана од 430 милиони фунти инвестирани во нејзините развојни и производствени капацитети во Велика Британија, со планирано дополнително финансирање за временската рамка во 2030 година.
Портпаролот на Фолксваген во Обединетото Кралство рече: „Итно ни е потребна јасна и сигурна регулаторна рамка која создава сигурност на пазарот и доверба на потрошувачите, вклучувајќи обврзувачки цели за ширење на инфраструктурата и стимулации за да се обезбеди насоката на патувањето“. Има и различни ставови. Тоуоtа го поздрави потегот бидејќи помага на индустријата и на потрошувачите да се прилагодат и дека сите технологии со ниски емисии и пристапни технологии можат да имаат улога во прагматичната транзиција на возилата.
Аналитичарите и извршните директори се на заеднички став дека со владиното повлекување на целта за 2030 година Британија ризикува да го изгуби неодамнешниот моментум во усвојувањето на позелен транспорт. Пролонгирањето за пет години ќе ги одложи купувачите на автомобили да размислуваат да се префрлат на ЕВ и ќе ги доведе во опасност инвестициите во инфраструктурата за електричните возила.
Оценката е дека Сунак се подготвува за изборите следната година и дека намалувањето на некои зелени политики ќе ги придобие гласачите кои се борат со високата инфлација и стагнација на економски раст. Автомобилската индустрија во Обединетото Кралство се бори да привлече инвестиции во производство на ЕВ и батерии, и покрај неодамнешните вложувања од страна на Tата, сопственикот на Jaguar Lend Rover и BMW кој ќе произведува електрични Mini возила во својата фабрика во Оксфорд.