Фолксваген повторно на мака
Објавено на 25 септември 2019 година
Значајната вест дека Фолксваген започна со сопствен развој и пробно производство на батерии во фабриката во Залцгитер ја засени една друга – дека германските обвинители поднесоа кривични пријави против највисоките сегашни и поранешни шефови на концернот. Обвинителните акти образложени на 636 страници ги примија директорот Херберт Дис, Мартин Винтеркорн кој беше на таа позиција до 2015-тата и претседателот Ханс Дитер Печ заради намерно прикривање на лажирањата на тестовите за емисиите на штетни гасови, односно ненавремено известување на акционерите за финансиските последици од скандалот. Фолксваген веќе плати скоро триесет милијарди евра отштети и казни, но со ретки исклучоци изостана кривичното гонење на одговорните луѓе од компанијата. Како резултат на скандалот, Фолксваген ја забрза програмата за електрификација на гамата насочувајќи го својот развој подалеку од дизелите. Сепак остана резервиран за производството на батерии, кое може да биде критично за идниот развој. Заради тоа и активностите со кои започна во Залцгитер се од клучно значење. Фабриката во која ќе се одвиваат развојот и производството на батерии кое сега е во пробна фаза, е со врвна технологија. Направена е заеднички со шведскиот производител на батерии Нортволт и во неа работат 300 експерти и 700 работници. Редовното производство треба да започне во 2024 година.