Пукна тиквата уште пред да ја насадат
Објавено на 6 јуни 2019 година
Две соопштенија ноќеска ги оставија без сон автомобилските аналитичари. Првото пристигна половина час по полноќ дека управниот одбор на Рено ќе продолжи да ја разгледува понудата на Фиат Крајслер за 50:50 спојување, но дека не можат да донесат одлука бидејќи претставниците на француската држава која е акционер во компанијата побарале одложување на гласањето. Второто следеше час и половина подоцна и во него се вели дека по одржаниот состанок раководството на Фиат Крајслер одлучило да ја повлече својата понуда. Како образложените се наведува дека во Франција не постои политичка клима за спроведување на една ваква зделка. Така, бракот кој многумина однапред го прогласија за успешен стигна до развод уште пред да се склучи.