Субвенции за возилата: какви, колку, кога…
Во блиска иднина, македонските граѓани ќе можат да добијат три вида субвенции за возилата
Објавено на 11 ноември 2018 година
Заради заштита на животната средина од штетните состојки на издувните гасови од моторите на возилата, владата на Република Македонија со новиот закон за возила предвидува воведување на три типа субвенции. Два од нив се однесуваат за купување на нови возила, а еден за конверзија на постоечките. Така, државата ќе покрие дел од трошоците за набавка на возило на електричен или хибриден погон, како и за купување на ново возило со одјавување на старото возило, односно негово носење на отпад. Освен за намалување на загадувањето, овие мерки ќе придонесат и за зголемување на увозот на нови во однос на половните возила со што пак директно ќе се влијае на зголемувањето на безбедноста во сообраќајот на патиштата и намалувањето на трошоците за одржување на возилата. Третиот тип на субвенции се однесува за вградување на уреди за погон на течен нафтен гас или друг вид на алтернативно гориво. За оваа цел, од буџетот во наредните три години ќе се издвојат финансиски средства во износ од 12 милиони евра.
Програмите за субвенционирање со кои ќе се уредат деталите за постапката (инструменти и мерки, како и активности за нивно спроведување – временски распоред, динамика и рокови, како и начинот, видот, висината и условите за доделување на субвенции) се донесуваат најдоцна до 30 јуни во тековната за наредната година.